Маск

Елон Маск се понуди комплетно да ја реизгради уништената електрична инфраструктура на Порторико. Тој изрази желба да инвестира во соларни панели кои ќе донесат електрична енергија и на територијата на САД зафатена од ураганот Мариа.

Милијардерот предлага поставување на напредни соларни панели кои ќе го сочинуваат комплетниот систем за производство на електрична енергија. Како што е познато оваа карипска, островска држава беше погодена од ураганот Мариа. Ураганот предизвика материјална штета која се пресметува во милијарди, а дополнителен момент е што комплетната популација од 3,5 милиони остана без електрична енергија.

Маск преку твит се обрати до јавноста велејќи дека неговата компанија „Tesla“ има капацитет да  го изведе овој потег. На твитот се надоврза и Гувернерот на оваа американска територија потврдувајќи ја заинтересираноста. Ова нема да биде прва помош која Маск ја нуди за жителите на Порторико. Тој веќе има испратено стотици PowerWall батерии дизајнирани да напојуваат домаќинства со електрична енергија.

Сигурноста во успехот на овој потфат Маск ја наоѓа во претходно успешно спроведениот проект на островот Та’у. Меѓутоа, разликата е што популацијата на Та’у изнесува неколку стотици и самата површина е неброено пати помала.

Опоравувањето од катастрофата оди бавно на островот. Според официјалните информации само 9% од популацијата на Порторико има електрична енергија, а ќе биде потребен еден месец за бројката да се искачи на 25%. Најголемиот проблем е секако напојувањето на болниците кое во моментот се врши со помош на дизел агрегати.

Извори: Seeker, The Verge

Претходна статијаMicrosoft би можел целосно да ја згасне Surface серијата?
Следна статијаDiscovery Communications и Google најавија револуционерната виртуелна серија „DISCOVERY TRVLR“