Bill Gates

Бил Гејтс продолжува да изненадува позитивно со неговата мисија за реформа на светот. Со фондацијата која е основана од него и жена му, „Бил и Мелинда Гејтс“, тој активно работи на уништување на некои опасни и раширени болести како полио и маларија со вложување на милијарди долари во развиток и истражувања за лекови.

Новата тема на која е насочен Гејтс е нашиот енергетски систем за кој, слично како и Елон Маск, смета дека е апсолутна утка. Неговото мислење, изјавено во интервјуто со The Atlantic е дека човештвото има направено огромна грешка што воопшто се фатило за користење на фосилни горива, а тоа што продолжува да ги користи е исклучително глупаво и мора да се промени.

За жал, неговиот реалистичен поглед на светот знае дека префрлањето на нови, еколошки и одржливи технологии за кои треба приспособување на пазарот нема да се случи туку-така. Прифаќањето на такви технологии покрај тоа што е тешко од аспект на нивната ефикасност, е тешко и од аспект на непостоечката инфраструктура во овој момент која мора да се развие.

Затоа тој предлага систем на „стап и морков“ кој ќе ги мотивира државните и приватните актери на пазарот да се активираат со значително поголема брзина отколку што е природно. Системот би се базирал на „јаглероден данок“ кој би ги демотивирал ентитетите да употребуваат фосилни горива, заедно со еден вид субвенции и даночни олеснувања за тие што би прифатиле да вложуваат во и развиваат таква технологија.

Постои и друг аспект на системот, а тоа е покажувањето одлучност за вложување. Тој сака да ги поттикне најголемите два загадувачи и потрошувачи на енергија, САД и Кина, да прифатат храбри и агресивни рамки за напуштање на фосилните горива и користење на обновливи извори на енергија. Еден пример за такви се рамковни документи кои би наложиле укинување на 80% од јаглеродните емисии до одредена година, на пр. 2030 г.

Дополнително, тој вели дека и приватните актери, особено големите како него, треба да вложуваат во овие технологии. Затоа тој ќе вложи дури 2 милијарди долари во овој развој.

Дали е ова изведливо останува да видиме, но силно го поддржуваме Гејтс во оваа негова херојска мисија на реформирање на заспаното човештво. Целото интервју можете да го погледнете на линкот до The Atlantic доле.

Извор: Gizmodo, The Atlantic

Претходна статијаToshiba ја освежува гамата на лаптопи со Skylake процесори
Следна статијаКонечно знаеме што се има случено со водата на Марс