Логоата на големите компании, особено во последните неколку децении се клучниот „инструмент“  во рацете на маркетинг машинеријата за создавање бренд и втемелување на компанијата во свеста на потрошувачите. Големите трговски марки вложуваат неверојатни суми на пари во консултации, дизајн и креирање на совршеното лого кое ќе биде заштитниот знак на нивниот бизнис и потписот по кој потрошувачите ќе можат да ги препознаат.

Меѓутоа, не секогаш скапо платениот дизајн на логото или одбраните бои знаат да резултираат онака како што е предвидено. Понекогаш, потребно е едноставно коцките да се подредат, онака како што тоа им се случи на основачите на web-browsing пионирот Yahoo. Компанијата која годинава прославува 22 години од своето постоење, на многумина им го приреди првото интернет искуство, онака како што тоа изгледа денес, или барем приближно. Yahoo се појави пред Гугл и Фејсбук и како таков, купи свое место во интернет историјата. Што се однесува до нивното лого, кое ќе стане симбол на интернет пребарувањето, впечатлива е виолетовата боја.

Стручњаците би рекле дека се работи за осмислена маркетинг стратегија или обид за оставање силен впечаток, но не, приказната се сведува на едноставна грешка при изборот на боја за првата канцеларија на Yahoo.

Приказната, во една прилика ја откри генералниот директор на компанијата Мариса Мајер. За изгледот на нивното лого, таа ги „обвини“ ко-основачите Џери Јанг и Дејвид Фило. Имено, на самите почетоци на компанијата, тимот на Yahoo при уредување на канцеларискиот простор Џери Јанг и останатите побарале од Фило да набави боја со која ќе ги бојадисаат ѕидовите на просториите во кои ќе работат. Од него, побарале едноставно да набави сива боја, препознатлива за просечен офис. Така и се случило, освен што бојата која Фило ја купил откако била нанесена на ѕидовите попримила нежно виолетова боја.

Изборот на боја, иако случаен и по грешка, низ годините останал нераскинлив дел на компанијата и во наредните 22 години. Се чини дека популарноста и успехот на Yahoo се должи на квалитетот на услуги кои тие ги понудија на корисниците на интернетот, додека изборот на бојата за нивното лого, кој настанал како резултат на грешка е всушност доказ дека при градењето на имиџот и репутацијата, независно во која смисла, грешките се составен дел од „патувањето“.

Извор: Business Insider

Претходна статијаStephen Hawking со ново предупредување за вештачката интелигенција
Следна статијаSurface Phone ќе биде претставен дури во 2019, но ќе има смартфон од Microsoft оваа година