141121153956-google-break-up-620xa

Осакатувањето на Гугл се чини е на врвот на агендата на ЕУ во последно време, која сака да ја заузда доминантноста на ИТ гигантот, со цел да „поттикне поголема конкурентност“ на пазарот на интернет пребарувачи. Неговата пазарна моќ претставува „трн во окото“ на европските компании, кои поради нивната неспособност да се натпреваруваат со Гугл, ја притискаат Европската Комисија да ја казни компанијата од Пало Алто.

Познато е дека правото „да бидеш заборавен“, потекнува од европска иницијатива, при што Европскиот суд на правдата му нареди на Гугл редовно да ги отстранува личните податоци за европските граѓани кои ќе го побараат таквото отстранување. Европските издавачки куќи пак, жестоко лобираат во Европската Комисија со цел да издејствуваат воведување на т.н. Гугл данок, со кој ИТ гигантот ќе биде оданочуван за секое линкување до содржини чии авторски права ги поседуваат европски издавачки куќи. Дополнително, Гугл се соочува со парична казна од 5 милијарди долари (!) доколку го прекрши европското конкурентно право, како резултат на спогодба склучена со ЕУ во Февруари годинава.

Сепак, последниот потег на Европскиот Парламент (ЕП) претставува „шлаг на тортата“. Имено, претставниците на ЕП, вчера изгласаа резолуција, која ако успешно се спроведе во пракса, на Гугл ќе му биде забрането да ги промовира своите останати услуги (на пр. TripAdvisor, Expedia и др.) преку нивниот search engine. Иако во резолуцијата изрично не се спомнуваат имиња на конкретни компании, јасно е дека истата е насочена кон Гугл, кој има 90% удел на светскиот пазар на интернет пребарувачи.

google-monopoly-case

Оваа мерка се совпаѓа со реториката на одредени претставници на ЕП, според кои Гугл треба да биде поделен на неколку компании, за да се намали неговата пазарна моќ и да се отстрани опасноста да премине во монополски гигант, кој ќе ги „проголта“ европските конкуренти. Но, дали овој предлог е донесен само поради „поттикнување на конкуренцијата“ во секторот со кој владее Гугл? Земете го в предвид следниов „исечок“ од статија објавена во Њу Јорк Тајмс:

Резолуцијата беше изготвена од Андреас Шваб, претставник на централно-десничарската Европска Народна Партија од Германија, каде што моќни издавачки групации жестоко лобираат за воведување на мерки за зауздување на пазарната моќ на Гугл.

Несомнено е дека Гугл е доминантен играч на европскиот (и америчкиот) пазар на услуги од областа на ИТ, но штетата за корисниците од оваа доминантност е тешко воочлива! Напротив, благодетите кои ни ги пружа оваа компанија ќе останат запаметени како цивилизациско достигнување. Стравувам од денешност во која Лери Пејџ и Сергеј Брин го немаат реализирано својот сон, зачнат во една обична гаража во американско предградие.

Нормално е кога на пазарот постои толку доминатна компанија како што е Гугл, да постои загриженост околу потенцијалот за злоупотреба на таа моќ. По одредени точки (како на пр. грижата за приватност на корисниците), дури и ги заслужува критиките кои ги добива. Сепак, ниту една од страните кои редовно го обвинуваат Гугл дека ја злоупотребува својата моќ, не докажала дека корисниците останале покуси поради оваа доминантност. Наместо тоа, се добива впечаток дека европските компании надоместуваат за фактот што не се толку успешни како Гугл, и бараат спас од Европската Комисија надевајќи се дека таа ќе се погрижи нивните маки магично да исчезнат.

Европските законодавци се соочуваат со неверојатен предизвик. ЕП ја нема потребната моќ за да го подели Гугл на повеќе компании а резолуцијата која беше изгласана е необврзувачка за земјите членки на ЕУ. Сепак, тоа што може да го стори е да ја мотивира Европската Комисија да го засили својот притисок кон ИТ гигантот, и да го натера самиот да ја намали својата присутност на европскиот пазар, под закана од астрономски парични казни. Не е тешко да погодите кој ќе биде најмногу засегнат доколку ова сценарио стане дел од нашата реалност (hint: ние).

Но, да му дадеме на ЕП „benefit of the doubt“, и да погледнеме дел од проектите на кои работи Гугл во изминатиов период, со цел да воочиме дали ја злоупотребува својата моќ, и како им нанесува штета на крајните корисници:

  • Гугл сака да не направи бесмртни.
  • Сака да го претвори мобилниот телефон во наш дежурен лекар (Project Ara).
  • Произведува само-управувачки (автономни) возила.
  • Има цел да овозможи интернет пристап за целиот свет (Project Loon).
  • Гугл сака да изгради лифт до вселената.
  • Развива револуционерна технологија за поевтино и поефикасно производство на енергија (Energy Kites).
  • Го компилира и го прави достапно целокупното постоечко човечко знаење.

Навистина, Гугл мора да биде сопрен.

Претходна статијаPuzzlePhone: Уште еден телефон со променливи модули
Следна статијаCoravin: Уред за сипување вино без потреба за вадење на тапата