Microsoft и Here Maps го имаат едно од најстарите партнерства. Порано, Here Maps беа вградувани во Nokia телефоните со Windows Phone 8 како стандардна апликација, а денес Bing Maps всушност ги користат податоците од Here Maps, за да им испорачаат на корисниците квалитетно искуство при навигација или геолоцирање.

Следствено на тоа, Here Maps се во позадината и на Cortana, која сите препораки за сообраќај или навигација ги дава благодарение на податоците на тие мапи. Сега, оваа соработка Microsoft планира да ја прошири и кон „поврзаните автомобили“, што е голем знак дека гигантот од Редмонд планира да биде присутен во модерните возила. Во моментов, доминантни на пазарот се Google и Apple, кои веќе имаат свои паметни системи за возилата.

Влезот на Microsoft кај поврзаните возила сепак не мора да значи дека ќе биде со цел оперативен систем. Тие неодамна потпишаа и договор за соработка со TomTom, кој е исто така големо име во светот на мапите, а чии податоци ќе се користат во Microsoft Azure. Според тоа, очекувајте Microsoft наскоро да понуди апликации и сервиси за автомобилите, како и платформа за развој на такви сервиси преку Microsoft Azure.

Моќта на сервисите на Microsoft е што податоците од Here Maps ќе можат да ги користат и дивелоперите. На пример, со самото поврзување на некоја апликација со Cortana, таа апликација ја добива моќта на Here Maps.  Продлабочувањето на соработката може позитивно да влијае и на развојот на вештачка интелигенција во Microsoft.

Here Maps е инаку во сопствеништво на германските производители на автомобили, но минатата година ја помина со загуба. Затоа, договорот со Microsoft за нив ќе биде одличен начин за зголемување на профитабилноста и особено добра подлога за подлабоко навлегување кај „поврзаните автомобили“, кои со најавата за автономни возила стануваат исклучително интересни за дивелоперите на софтвер.

Извор: TechCrunch, Thurott, Softpedia

Претходна статијаBlackBerry се договори со TCL за производство на паметни телефони
Следна статијаFacebook Messenger доби нова камера со ефекти која стана главната функција на апликацијата