Гигантите од областа на технологијата Google и Apple се популарни по нивното надметнување и ривалство, меѓутоа ретко кој е упатен дека овие две компании тесно соработуваат на полиња од кои имаат заеднички бенефит.

Во светот на бизнисот општо е познато дека ништо не е бесплатно, па така Google редовно ја полни касата на Apple со цел да остане главниот интернет пребарувач на оперативниот систем кој го користат уредите на Apple.

Според некои информации, засновани на податоците презентирани од медиумската куќа CNBC, Google слева неверојатна цифра од 3 милијарди американски долари на годишно ниво, само за да ја одржи пол-позицијата во „Safari“.

Ваквиот податок за прв пат се појавува во документи кои датираат од 2014-та година, кога за ваквата услуга Google платил 1 милијарда долари за период од една година. Стручњаците велат дека доколку се пресмета растот на продажбата и приходите на Apple, таа бројка не би изненадувало да биде три пати поголема денес.

Ваквото ниво на соработка помеѓу „лутите“ ривали воопшто не треба да чуди со оглед на статистиките поврзани со интернет маркетинг пазарот. Познато е дека Google доминира во бизнисот на интернет рекламирање, додека пак Apple учествува со 18% од севкупниот пазар на паметни телефони.

Познавачите ќе кажат дека ваквата ситуација е директен резултат на нерамномерното развивање на останатата конкуренција. Очекувано е двете најдобри и најиновативни компании да бидат главни двигатели на индустријата, па и да соработуваат се додека за тоа постои взаемен интерес.

Извори: TechCrunch, CNBC

Претходна статијаGoogle официјално го претстави Android 8.0 Oreo
Следна статијаMicrosoft ги усовршува постоечките игри за подобра компатибилност на Xbox One X