Здраво Игор. Првпат ве запознавме на Social Impact Award, но сеедно, претстави ни го тимот, на што работите, како се споивте за идејата и слично.

Нашиот тим работи на развивање на уред кој претставува асистивна технологија за лицата со оштетен вид. Моментално сме 5 луѓе. Бојан и Никола се дипломирани електро-инженери и истите работат на техничкиот дел. Дора е задолжена за маркетинг и односи со јавност во тимот, Методи е дизајнер кој живее во Софија, а јас сум Игор и сум координатор на проектот.

Тимот има тенденција да се зголеми, па во таа насока би сакал да ги поканам сите оние кои се ентузијасти , кои сакаат да допринесат за подобар живот на лицата со оштетен вид или имаат пасија за технологија да стапат со нас во контакт.

Како вашата идеја се разликува од другите слични на неа?

Како што напоменав, развиваме уред кој е наменет за лицата со оштетен вид. Уредот претставува очила кои во себе имаат вградени микро-камери, слушалка и микро-компјутер. Засега имаме замислено да има 3 опции. Првата е читачка која е наменета за читање на секаков вид на текст (пишан и дигитален). Втората е навигационо-ориентациона опција која е наменета за секојдневно ориентирање на корисникот во околината преку препознавање на секакви објекти кои може да се најдат во негова близина. Третата опција е уживачка – оваа опција е наменета за поемоционално и подлабинско опишување на ситуацијата во која се наоѓа корисникот.

Со сите овие опции кои ги нудиме моментално, нашиот уред се разликува од постоечките на пазарот. Имаме замисла за уште една предизвикувачка технологија, по која дефинитивно се разликуваме од сите останати, меѓутоа засега нема да ја откриеме.

Како си поминавте на натпреварот за социјално претприемништво?

Натпреварот за социјално претприемништво (Social Impact Award) за нас претставуваше отскочна даска преку која влеговме во овие стартап води. Тоа не беше само натпревар, туку цела аксцелераторска програма преку која научивме многу работи за развивање и водење на еден ваков голем проект. Се работеше 5 месеци на проектот, а поддршка имавме од експерти и ментори од различни области. Би им препорачал на сите оние кои имаат идеја за некакво социјално решение да се пријават на програмата и да не се откажуваат.

Како ќе се развива идејата и дали веќе сте разговарале со потенцијални инвеститори?

Засега, би рекол дека проектот се движи во добра насока. Досега имаме “алфа” верзии од читачката опција и еден дел од навигационата опција. Во наредниот период ќе работиме напорно за да го достигнеме MVP (Minimum Viable Product).

Паралелно, работиме и на рекламно видео за продуктот – очекуваме до крајот на март да биде готово.

Досега имаме разговарано со неколку инвеститори и нивниот фидбек е позитивен, меѓутоа ние самите сметаме дека се’ уште е рано за да правиме преговори за поголеми инвестиции. Затоа повеќе сме сконцентрирани на поддршки и соработки со бројни засегнати страни.

Во која насока се движи македонската стартап сцена?

Јас лично мислам дека во изминативе две години македонската стартап сцена има доста напреднато. Сведоци сме на се’ повеќе co-working места, инкубатори, аксцелератори, бизнис клубови и секакви начини за развивање на стартап сцената.

Проблемот е што во Македонија нема луѓе кои се вистински инвеститори. Под вистински инвеститори мислам на луѓе кои навистина се спремни за инвестирање големи суми во добри бизнис идеи. Исто така нема вистински аксцелератори кои ќе помогнат во развивање и реализација на тие идеи. Меѓутоа што е тука е, се надевам дека во иднина работите ќе се подобрат.

Нешто што не сум ве прашала, а сакате да дополните.

Па ако на оној што го чита ова нешто му значи, би сакал само да им порачам на сите да не се откажуваат од она што го замислиле, бидејќи доаѓаат периоди каде станува многу тешко, се губи надеж, и си викаш “ова не иде”. Но, најверојатно секогаш за се’ и сешто во животот доаѓаат вакви периоди и ќе доаѓаат, па затоа треба да знаете дека ќе поминат.

За крај, повторно би сакал да напоменам дека ни требаат најмногу програмери во тимот кои се ентузијасти за проектот, но и луѓе од економските области и доколку има заинтересирани може да стапат во контакт со нас на: reality@gmail.com

Претходна статијаGalaxy S8 и S8+ ќе чинат скоро 1.000 долари, ќе имаат батерии од Sony?
Следна статијаНема да ослепите ако долго гледате во мониторот, но очите секако ќе ве болат