tim-cook-keynote

По објавувањето на писмото од Тим Кук преку коешто ги истакнува негативните последици кои би настанале доколку бидат приморани да ја спроведат донесената судска одлука од понеделникот, како и барањето за јавната дебата, стигна поддршка од неколку компании.

Во основа Окружниот суд на областа Калифорнија побара од Apple да направат промени на оперативниот систем на iPhone со што би им овозможиле на FBI да се обидат да ја пробијат лозинката со којашто е заклучен и енкриптиран телефонот на еден осомничен терорист.

Проблемот со ова барање е што покрај тоа што би поставил преседан, па ваквите барања би станале многу почести, промените во оперативниот систем може да бидат злоупотребени и за останатите iPhone уреди кои не се дел од оваа истрага.

Apple добива поддршка врз основа на оваа логика од неколку компании, меѓу кои и Google, WhatsApp, па и индиректно од Microsoft.

Сундар Пичаи, директорот на Google преку својот Twitter профил ја даде својата поддршка истакнувајќи дека не смее да се дозволи компаниите да бидат приморани да ги хакираат уредите на своите клиенти и дека има голема разлика од тоа да се бара пристап до одредени информации и да се пробие уредот на корисникот.

Поддршка дојде и од основачот и директор на WhatsApp Јан Коум преку неговиот Facebook профил. Тој истакнува дека му се восхитува на Тим Кук и се што тој има направено за заштита на приватноста на корисниците, а ваков преседан не смее да се дозволи да биде направен.

Индиректна поддршка доаѓа и од Microsoft преку Reform Government Surveillance (RGS) групата на компании кои се залагаат за промена на начинот на коишто владите ги вршат своите надгледувања. Во изјава од оваа организација во која покрај Microsoft членуваат и компании како AOL, Dropbox, Evernote, Facebook, Google, Apple, LinkedIn, Twitter и Yahoo се истакнува дека не треба да се бара од компаниите да вградуваат можност за заден влез на властите во корисничките уреди.

Оваа порака е споделена од страна на Сатја Надела, директорот на Microsoft, меѓутоа никаде не е истакната директна поддршка за Apple, туку само принципите за кои се залагаат.

Извор: The Verge

Претходна статијаНови, реални фотографии и видео од Galaxy S7
Следна статијаOutlook.com излегува од Preview – Донесува подобрен изглед и нови функционалности
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.