Следејќи го успехот на првиот настан Endava Tech Flow кој се одржа во мај годинава и на кој учествуваа повеќе од 170 ИТ професионалци и ентузијасти кои дискутираа на тема Agile Best Practices, компанијата „Ендава“ организираше уште една конференција од серијата на Tech Flow настани на што фокус овојпат беа Иновациите и трендовите во ИТ секторот. На едно место се споија повеќе од 200 експерти и иноватори од ИТ индустријата кои се вклучија во разговорот за врвни технологии, методологии и влијателни личности кои ја придвижуваат иновацијата во ИТ – сферата.

Интернационалниот говорник, автор, активен член на софтверската инженерска заедница и главен технички директор во „Ендава“, Еоин Вудс го одржа главниот говор и се фокусираше на предизвиците, можностите и придобивките кои „блокчејн“ технологијата може да ги понуди.

Во зависност од тоа со кого зборуваш за „блокчејн“, еден став е дека технологијата засекогаш ќе го промени начинот на кој градиме системи, а друг став е дека ќе биде корисна само за криптовалутите. Иако е релативно нова технологија, делови од „блокчејн“ се употребуваат во различен тип на апликации меѓу кои и процесирање на финансиски трансакции, менаџмент на идентитет, чување на јавни документи и следење на синџирот на набавка на значајни производи. Сепак, моќните специфики на „блокчејн“ имаат и свои компромиси, а еден од нив е невообичаената конструкција која „блокчејн“ ја има во себе – вели Вудс.

Продолжувајќи го разговорот околу „блокчејн“, Гоце Каламадевски кој е одговорен на сектор за развој во „Ендава“, зборуваше за алатките, програмските јазици и можните употреби на оваа нова и возбудлива технологија. Тој праша – „Што се случува кога ќе слушнете за ,блокчејн’ и едвај чекате да направите нешто со таа технологија?“.

Доколку имате некакво предзнаење или пак само сакате да ја пробате „блокчејн“ технологијата прво мора да се запознаете со екосистемот и да ги земете во предвид опциите пред да се одлучите за пристапот. Etherium и hyperledger се две опции кои нудат различни можности за развој на децентрализирани апликации користејќи „блокчејн“. Иако се различни, etherium и hyperledger работат заедно и го приближуваат развојот на апликации кон следното ниво на развој – додава Каламадевски.

Истражувајќи како квалитетот на софтверскиот развој ја поттикнува иновацијата, Елизабета Илиевска, искусен софтверски инженер им претстави на присутните проверен и тестиран метод за менаџирање на технички долг во средина која постојано и рапидно се менува, а нејзиниот говор е инспириран од употребата на Quality Views на „Тесла“. Додека Стефан Спасовски, искусен софтверски инженер во „Ендава“ претстави неконвенционална, но практична паралела помеѓу софтверскиот развој и уметноста.

Владо Божиновски, лидер на секторот за дизајн во „Ендава“ и Александар Трајановски, искусен софтверски инженер во компанијата, споделија значајни впечатоци и знаења во некои од системите и технологиите кои може да станат револуционерни во интернет – сферата како и во компјутерската ера во која нема да се користат сервери.

По презентациите, присутните имаа можност да се дружат и да дискутираат за тоа како можеме да ја приближиме иновацијата во секојдневните работни ангажмани и како можеме да почнеме да ги користиме некои од возбудливите технологии и методологии кои беа презентирани на сцена.

 

За Ендава:

Ендава е приватна IT компанија со преку 16 години искуство работење со светските лидери во сферата на финансии, осигурување, телекомуникации, медии, технологијата и малопродажба. Преку агилната трансформација и пропозициите на дигиталната еволуција, „Ендава“ им помага на клиентите да бидат поефикасни.

„Ендава“ има преку 3900 вработени и канцеларии во Северна Америка, Западна Европа и развојни центри во Колумбија, Молдавија, Романија, Македонија, Србија и Бугарија.

Покрај инвестирањето во долгорочни односи со клиентите, Ендава ја препознава и важноста да им овозможи богати и предизвикувачки кариери на луѓето, и преку тоа се етаблира себеси како еден од најпосакуваните вработувачи за најдобрите и најспособните инженери.

Претходна статијаMicrosoft конечно потврди дека Windows 10 Mobile е мртва платформа
Следна статијаЈавна дебата за чист воздух поддржана од НАСА