17Encrypt-web-articleLarge

Деновиве се одвива една нервозна битка меѓу два гиганти – американската влада претставувана од Федералното биро за истражување (FBI) и Apple. Иако изгледа чудно, „злобната корпорација“ Apple е на ваша страна и ги заштитува вашите интереси. Чудно, но вистинито.

Која е суштината на борбата

hacking_wordcloud

Се работи за iPhone-от на Сајед Ризван Фарук, осомничениот за терористичкиот напад во Сан Бернардино, Калифорнија, кој се случи во декември 2015-та година. Полицијата успеа да го пронајде и зачува телефонот на Фарук, но не успеа да го зачува него самиот бидејќи беше убиен во престрелка.

За да докаже дека Фарук е виновен за терористичкиот напад, а не некој друг FBI се обидува да влезе во телефонот веќе два месеца, но (наводно) безуспешно. Во меѓувреме, направиле глупави потези, па побарале помош и од Apple, на што овие се согласиле… и сето ова се одвива во заднина сè дури Apple на 16-ти фебруари наизглед од никаде го објавува писмото на Тим Кук.

Писмото имено го содржи следниот текст:

… Владата на САД побара од нас нешто кое го немаме и кое сметаме дека е преопасно да го создадеме. Тие побараа од нас да создадеме задна врата во iPhone.

Препрочитајте го цитатот повторно: Владата на САД побарала од Apple да создаде официјална задна врата (backdoor) за заобиколување на безбедносните мерки вградени во iPhone.

Владата бара непречен пристап во приватниот телефон на човек. И не само што не се способни самите да влезат во телефонот преку хакирање (дури и ја утнале работата), туку бараат од компанијата која го произвел да создаде нов софтвер кој ќе ја уништи заштитата.

Apple се противи на ваквата позиција, очигледно. Случајот досега траел во позадина и тајно, но овојпат Кук го обелоденува, а воедно и поднесуваат еден вид на жалба кон наредбата донесена од помошниот судија Шери Пим во која се бара од Apple да ја создадат задната врата.

Според Apple, создавањето на една задна врата ќе овозможи создавање на задна врата за секој iPhone, покрај за властите во САД и за разноразни вични хакери и злокобни агенти.

Прашањето се поставува:

Што е побитно, безбедноста или приватноста?

online-privacy-surveillance

Постојат луѓе кои го застапуваат ставот дека „ако немаш што да криеш, што ќе ти приватност“. Па сепак, не ги гледаме истите луѓе да шетаат голи или (во главно) да пцујат други луѓе кои нешто им згрешиле, иако можеби им доаѓа тоа да го направат. Зошто не шетаат голи? Та зарем сметаат дека тоа што ќе го покажат кога би се соблекле е нешто уникатно, нешто што никој друг го нема?! Зарем имаат нешто да кријат? (Мора да се терористи чим кријат нешто)

Секако дека не. Тие не шетаат голи бидејќи без разлика што сите знаеме што има под кошулата и панталоните, тоа претставува дел од нашата приватност која е резервирана за блиски личности.

Апсолутно истото важи и во светот на мислите и ставовите, особено кога сметаме дека сме дома, во приватноста на нашиот дом и блиски луѓе. Кога луѓето сметаат дека се на приватно место, заштитени од осудувањата на другите, тогаш тие можат слободно да ги изразуваат своите ставови и размисли и симулативно и/или дебатно да ги тестираат за да дојдат до најдобрите и најисправните заклучоци и да не полудуваат од постојаната внатрешна самоцензура.

Токму затоа, приватноста е супербитна за оддржувањето на слободата во општествата (повеќе за философијата на дигиталната приватност во следниот текст).

Но, што да правиме во случаи во кои приватноста на индивидуите ја отежнува или спречува конкретната истрага на некој злочин? Дали е тогаш оправдано да се наруши (како во горенаведениот случај) за да се изведе истрага или спречи криминал?

Секако дека да. Проблемот е кога нарушувањето на приватноста во суштина не е потребно. Имено, државните органи треба да ги превземат сите можни чекори за да обезбедат други докази кои несомнено укажуваат на криминал пред да се дрзнат да чепкаат по телефони и компјутери, и тоа само ако доказите дотогаш не биле доволни и само со добро оформени механизми на јавна контрола врз следењето на комуникациите. Бидејќи треба да се има предвид дека тие можат да завземат став на „секој е потенцијален криминалец“ и со тој став да оправдуваат шпиунирање на милиони корисници низ светот во донкихотовска борба против ветерниците т.е. „тероризмот“ (ви звучи познато нели?).

Тоа несомнено ќе претвори општества кои се слободни во општества кои се роботизирани, како што веќе се случува.

Каде е Apple во сето ова

18Appleletter-web-master675

Apple веќе на неколку наврати покажа дека се заинтересирани да ја вратат моќта и приватноста во рацете на корисниците. Тие беа првите кои воведоа бесплатна системска енкрипција на телефоните по обелоденувањето на PRISM програмот на NSA, и генерално изгледаа искрено негативно изненадени од дрзнувањето на властите кон користење на информациите од Apple (за разлика од Google и Microsoft).

Инаку, вреди да се спомене дека во случајот кој го обработуваме во овој текст Apple веќе се согласил да им помогне на FBI во истрагата, па дури и да пристапи до достапните информации од телефонот на пример тие на iCloud. За жал, некогаш администрацијата знае да биде прилично смотана, па во нивната брзоплетост ја ресетирале лозинката до iCloud на телефонот на Фарук, нешто што оневозможило синхронизација на телефонот со стариот iCloud и превземање на податоци на тој начин од серверите на Apple.

Непризнавајќи ја грешката, туку бидувајќи уште попрепотентни, FBI бара од Apple да создаде нова верзија на оперативниот систем кој ќе ги заобиколи заштитите. Но, како што знаеме секоја задна врата потенцијално може да биде анализирана наназад (reverse engineered). Ако Apple создаде ваков код и го предаде на FBI, тогаш FBI ќе имаат код кој ќе може да го анализираат и да си направат сопствени верзии од истиот – овозможувајќи им да го хакнат било кој iPhone или потенцијално iOS уред. Покрај FBI, преку широката шпиунажа кои државите си ја прават едни на други ваквата задна врата може да стигне и до други држави, правејќи го iOS швајцарско сирење.

Тоа е помалиот проблем. Поголемиот проблем е што властите бараат непречен пристап до податоците на сите луѓе, насекаде и тоа го прикажуваат како нешто нормално, нешто здраво и нешто „патриотско“. Добредојде, „1984“-та, и тоа од оние слободни и демократски општества на кои им се угледуваме.

john-mcafee

Во меѓувреме се огласи легендата Џон Мекафи кој се понуди бесплатно да го хакне телефонот со својот тим за да нема потреба за Apple да направат задна врата. Се огласи уште една легенда, Доналд Трамп, кој за жал ја завзеде погрешната страна во овој конфликт, со неговиот повик да се бојкотира Apple сè додека не се согласат да создадат задна врата, игнорирајќи го фактот дека токму слободата на мислата и делото обезбедена преку приватноста овозможила општество во кое (сè уште) не завладеала социјалистичка диктатура и полиција на мислите, што му овозможило на овој претприемач да се стекне со толкаво богатство и да биде некој и нешто.

Зборови (поточно, твитови) со блага поддршка дојдоа и од Google, WhatsApp и Microsoft, а во меѓувреме Тим Кук им испрати електронска порака на своите вработени со која им се заблагодарува на подршката и им предочува дека ќе ја продолжат борбата.

Секако, беше за очекување дека властите ќе играат на фалични емоции околу „жртвите на тероризмот“ за да ја протуркаат својата страна во борбата.

Борбата не е завршена туку тек се разгорува, а наше е да размислиме – дали сме навистина толку неспособни да се снајдеме со ризиците на секојдневното живеење што за секоја „ризична“ работа бараме помош од дадилката-држава, притоа губејќи ги основните права и слободи како човечки суштества?

Дали навистина сме до толку неспособни и незрели, исплашени од животот?

Дополнителни информации: CATO, TechInsider 1, TechInsider 2, Apple, NPR, Richard Dawkins.net, Phys.org, CNN

Претходна статијаИнтел го забрзува патот до 5G
Следна статијаНајдиДом.мк додава нови функционалности