Дефинитивно, последниве 10 години во светот на технологијата ги одбележа Apple, компанијата која со своите “i” производи буквално ја растури конкуренцијата. Благодарение на сите овие успеси, тие се првата компанија чија вредност стигна до неверојатни 800 милијарди долари, поточно 801,37 милијарди.

Ова сепак беше само моментално – акциите на Apple на берзата рипнале на 153,7 долари по акција, што е главната причина за скокот (сега вредат 151,14 долари). Сепак, дури и без него Apple и натаму има голема предност пред конкуренците – компанијата Alphabet, која произлезе од Google чини 657,78 милијарди, Microsoft чини 530,36 милијарди, додека Amazon чини 450,96 милијарди.

Според аналитичарите овој раст на Apple не мора да значи дека ќе продолжи. Тие имаат неколку нови успешни производи во своето портфолио, кои носат многу голем профит (како на пример слушалките Apple AirPods), но продажбата на нивниот најпопуларен производ iPhone стагнира и според информациите, тоа „статус кво“ би можело да продолжи и во наредните две до три години, особено што конкуренцијата е поагресивна од било кога.

Други аналитичари пак велат дека вредноста на Apple е помала од таа што ја заслужува и дека тие треба да вредат преку 1 трилион долари, нешто на кое особено атакуваат нивните конкуренти. Истите аналитичари воопшто не се загрижени за стагнацијата на продажбата на iPhone и според нив таа не би требала да претставува проблем за покачувањето на вредноста на компанијата. Поточно, начинот на кој тие функционираат со инвеститорите (имаат одлична Buy Back програма за брзо враќање на вложените пари), може да им овозможи продолжен раст во наредниве неколку години.

Извор: Cult of Mac, CNET, WSJ

Претходна статијаЗаврши поддршката за Windows 10 1507 – првата верзија од оперативниот систем
Следна статијаQualcomm ги претстави Snapdragon 660 и 630 мобилните платформи