Поспаниот возач е неспособен да направи нешто за да избегне критична ситуација или судар со друго возило

Возењето е опасна и подеднакво напорна активност, која значително заморува и бара психички напрегања, како кога извршуваме која било друга активност. За време на возењето вниманието и фокусираноста на патот се зголемени со цел откривање опсности, навремена и брза реакција.

Брзина, возење под дејство на алкохол, непрописно престигнување се само дел од причините за сообраќајни незгоди на нашите патишта. На нашето поднебје, заморот како причина за сообраќајна незгода е потценет, а исто така е невозможно да се утврди точниот број на сообраќајни  незгоди кои се случиле само затоа што возачите биле премногу уморни или заспале зад воланот, но сепак голем дел од сообраќајките кои се случуваат, особено во летниот период, наведуваат кон тоа дека заморот е причина за незгода. Овие незгоди често се со многу сериозни последици бидејќи поспаноста и заморот го прават возач полусвестен и неспособен да направи нешто за да избегне судар со друго возило или излетување од патот.

Како се манифестира заморот

Природата на заморот е сложена и слабо разбрана. Заморот настанува како резултат на голем број психолошки и физиолошки (органски) фактори. Освен физиолошкото трошење енергија – умор, односно поспаност предизвикува и монотонијата на патот која води кон незаинтересираност за возењето, особено ако станува збор за долго возење на автопат. Без оглед на првичниот ентузијазам, желбата за возење или патување, односно, задоволството што го овозможува возењето, заморот обично се јавува после два часа возење, меѓу вториот и седмиот час возење или откако возачот ќе помине од 200 до 500 километри, во зависност од тоа на каков пат вози.

Итересно е тоа што заморот се манифестира многу слично кај сите возачи. На почетокот се манифестира со желба за спиење, се јавува боцкање во очите, чувство на топлина и укочување на вратот, рамената и рацете, како и слаба циркулација, трнење на нозете и болка во долниот дел на грбот. Сето ова може да доведе до полу-свесна состојба и намалување на способноста за расудување, а најлоша последица е возачот да заспие зад волан бидејќи тогаш последиците најчесто се трагични.

Како да се намали заморот

За намалување на заморот (поспаност) пред сѐ корисен ефект има пријатната атмосфера во возилото, разговорот со сопатниците, слушање соодветна музика, како и разни промени кои се случуваат за време на возењето (менување на околината, вегетацијата, менување на условите на патот, ограничување на брзината, менување режими на возење и слично).

Вентилацијата во возилото треба редовно да се проверува и прилагодува, така што во возилото секогаш ќе има свеж воздух и ќе се создаде поволна микроклима. Не претерувајте со прекумерно ладење или греење на просторот во возилото.

Многу е важно да одмарате во соодветни интервали, да правите кратки паузи, да се освежите и размрдате. Кога ќе правите пауза, пешачењето и вежбите се покорисни отколку седењето. Добро е и да седнете, но во друга положба од таа што сте седеле во автомобилот. За време на паузите препорачливо е да се земаат помали оброци лесно-сварлива храна (млечни производи, овошје, зеленчук) и освежителни пијалоци (сокови, чај).

Ако станете свесни за замор (поспаност) на отворен пат надвор од населено место, не форсирајте. Запрете го возењето. Ако со вас нема друг возач кој може да ве замени и да го продолжите патувањето, исклучете се на соодветно место до патот и одморете се во автомобилот. Најефективниот начин за надминување на заморот е спиење.

 Не форсирајте “уште само неколку километри до …” – тоа може да доведе до фатални последици!

Претходна статијаЗадната камера на iPhone 8 ќе има 3D ласерски систем за проширена реалност?
Следна статијаLG ќе го претстави знаменосецот V30 на 31 август?