Скопје, 13.07.2017. Заклучокот од вчерашната работна средба е Министерството за финансии официјално да се обрати до PayPal и да ја отпочне постапката за воведување на услугата “прием на пари” (receive) во Македонија преку платежниот сервис PayPal. Со ова ќе се овозможи македонските граѓани и фирми да продаваат свои производи и услуги на светските пазар и да вршат прием на плаќања преку PayPal. 

“Добро е да се почне со PayPal бидејќи овој сервис е широко распространет, нуди сигурност на купувачите и со тоа македонските производи и услуги стануваат поатрактивни, и може да се продава дури преку електронски пораки.” изјави Венко Глигоров, водач на иницијативата за PayPal и управител на Логин Системи. “На македонскиот претприемач треба да му биде едноставно и ефтино својот производ или услуга да ги понуди на светскиот пазар. Десетте најпопуларни веб решенија за електронска трговија во светот имаат можност за сервисот PayPal. Покрај воведувањето на услугата, институциите може да направат популаризација за овие можности во македонската економија”.

На средбата која се одржа во Министерството за финансии, присуствуваа претставници од Министерството за финансии, Народната банка на РМ, министерствата за Економија и Информатичко општество и претставници од 4 деловни банки во Македонија. Банките потврдија спремност за воведување на оваа услуга. Регулативата на Народната банка на РМ нема ограничувања за користење на PayPal за продажни места во Македонија. И од Министерството за економија потврдија дека регулативата не спречува продажба и користење на PayPal за уплати.

Бидејќи македонската валута ја нема на листата на валути во PayPal, истакнувањето на цените на продажните места најверојатно би било во евра. Со тоа би се создала евентуална пречка за користењето на PayPal во рамките на Македонија помеѓу македонските резиденти (субјекти). Затоа, ако не се смени дел од регулативата за девизен режим, PayPal прво би се користел за прием на пари при продажбата на странските граѓани и фирми.

На средбата сите ја истакнаа потребата Македонија да се отвори и за другите платежни сервиси како Страјп (Stripe), Скрил (Skrill) и други. На крајот од средбата се заклучи Министерството за финансии да почне со комуникација прво со PayPal и во зависност од успехот и искуствата да се продолжи со другите платежни сервиси.

“PayPal е корисна работа за сите и Мининстерството за финансии ќе се заложи PayPal да се воведе во Македонија”, изјави Бранимир Јовановиќ, советник на министерот за финансии.

Иницијативата за PayPal за продажни места ја побараа преку 1.000 физички и правни лица и таа беше доставена до Министерството за финансии на 29.06.2017.

Повеќе за иницијативата има на линкот тука

Претходна статијаПрв рендер од Google Pixel XL покажува смартфон со издолжен дисплеј и многу мала рамка
Следна статијаGoogle Drive Backup and Sync достапен за корисниците на Windows и Mac