Еуролинк осигурување во рамките на платформата за Корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – вашата врска со вистинските вредности“ четврта година по ред распишува конкурс за доделување 35 Еуролинк стипендии за 25 студенти  додипломци и 10 стипендии за  суденти на постдипломски студии, од Правниот факултет „Јустинијан Први “ во Скопје.

Право на аплицирање за добивање Еуролинк стипендија имаат сите редовни студенти кои се запишани на прв и на втор циклус на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во Скопје, кои имаат редовен упис во учебната 2016/2017 година и кои исполнуваат услов за упис во учебната 2017/2018 година. За доделување на стипендијата потребно е студентите да ги исполнат следните услови: студентите да имаат остварено  просечен  успех од положени испити од најмалку 8,5,  да не се корисници на друга стипендија, да го задржат статусот редовен студент со просечен успех од 8,5 во учебната година кога ќе ја користат стипендијата. Притоа, студентите имаат можност да аплицираат за 35 целосни стипендии со кои ќе може да ги покријат трошоците за кофинансирање.

Еуролинк ги поканува студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ да ги поднесат своите апликации за „Еуролинк стипендија“од денес, 15.6.2017, до 1.10.2017 год.  За начинот на доставување на документите, потребните документи и апликацијата,  студентите може да се информираат и да ги преземат од интернет-страницата на Еуролинк www.eurolink.com.mk . Пријавите кои немаат целосна документација и коишто не се доставени навремено и на наведениот начин нема да се разгледуваат и да се оценуваат.

„Посебен акцент ставаме на образованието како основа за создавање доброобразовани поединци. Поддршката и енергијата кои ги вложуваме во овој важен сегмент во општеството имаат за цел да им помогнат на луѓето да се оспособат за да си помогнат самите себеси и на другите,  да создадеме доброобразовани генерации, кои ќе бидат носители на напредокот во нашето општество “, изјави Олга Костовска, претседател на Надзорен одбор на Еуролинк Осигурување.

Еуролинк стипендиите се наменети за студентите да ги покријат трошоците за кофинансирање и како поттик за успешно завршување на нивните студии. Доделувањето на стипендиите за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е активност во рамките на програмата за општествена одговорност на компанијата: „Еуролинк – вaшата врска со вистинските вредности“, преку која годишно се реализираат повеќе проекти од областа на образованието, културата и уметноста во Република Македонија.

Претходна статијаНови фотографии од OnePlus 5 покажуваат дека деталите ќе бидат различни од iPhone
Следна статијаЕвропскиот Суд одлучи дека на интернет провајдерите може да им биде наредено да го блокираат The Pirate Bay