„Мои сте“ - Елон Маск
„Мои сте“ - Елон Маск
„Мои сте“ – Елон Маск

Дали ќе дочекаме ден кога Елон Маск ќе биде славен како ултимативниот светски патријарх? Изгледа дека работите одат натаму.

Имено, на Маск не му е доволно тоа што започна револуционерни проекти во вселенскиот транспорт, личен превоз преку електрични автомобили, сончевата енергија (преку купување на SolarCity и Gigafactory), пазарот на електрична енергија (преку PowerWall и Tesla Energy), одтргнување на заканата од синтетичката интелигенција (преку OpenAI), возен јавен транспорт (преку Hyperloop), та сега се зафаќа и со револуција во јавниот транспорт. (Маск, неколку работи кои ти останаа да ги нападнеш: мир во светот, децата во Африка, политичарите на Балканот)

Неговата идеја е композитна на една карактеристика на автомобилите на Tesla, а таа е автопилотот. Маск го објави вториот дел од својот Голем план во кој се објаснува како тој планира возила со автопилот да навлезат на пазарот за јавен транспорт и да ги заменат возачите. Со тоа тие би постигнале поголема ефикасност, помалку несреќи, попрецизно качување и оставање на патниците, поголемо слободно време за истите, поголема искористеност на возилата (и со тоа во споредба нивна помала цена)… но и далеку помалку работни места за возачи.

Тој планира во блиска иднина на пазарот да извади две нови електрични возила, Tesla Semi што ќе биде нешто како пикап-SUV комбинација и некој си Urban transport (што не знаеме дали е името на возилото или само негово објаснување) кое ќе биде, во основа, автобус.

Tesla Semi ќе има задача да пренесува товар и сè тоа што го работат денешните камиони и пикапи, а „Urban transport“ ќе пренесува патници. Последниов ќе биде малку променета верзија на стандардниот автобус, со тоа што нема да постои празнина по средината на автобусот за да се движат патници, туку патниците ќе влегуваат некако директно на местата од страна на автобусот. Со тоа ќе се овозможи побрзо качување и спуштање како и качување на повеќе патници кои ќе можат да седат.

Со помош на автопилотите, возилата ќе бидат поефикасни во возењето бидејќи ќе можат да го ускладат своето возење во однос на другите возила на патот. Воедно, секое приватно и лично Tesla возило ќе може да се придружи на т.н. Tesla Fleet, флотата на Tesla, преку која ќе се координира нивното автономно патување низ урбаните места.

Вие како сопственик ќе можете преку апликација да го повикате возилото да дојде и да ве собере и потоа да ве однесе до вашата дестинација. Тоа што е интересно е што Маск планира откога ќе ве остави вас возилото да продолжи да патува низ градот и да пренесува други луѓе кои за тоа ќе ви плаќаат вас, а со тоа трошоците ќе се намалат и искористеноста на вашето возило ќе се зголеми, правејќи го вашето возило поевтино на крајот.

Нормално, овие промени ќе значат исфрлање од работа на милиони професионални возачи насекаде низ светот. Не верувам дека овие возачи одеднаш ќе станат квалифицирани за некоја друга работа, а со оглед дека сè повеќе секакви работни места се заменуваат со роботи, нема ни да остане друга работа за нив.

Затоа се поставуваат прашањата: дали е етички да развиваме технологија која ќе маргинализира милијарди луѓе низ светот и како да се погрижиме таа технологија да им овозможи доволно средства за да преживеат во случај на нивна маргинализација? Бидејќи знаеме дека во услови на економска криза и широка маргинализираност на луѓе кои се способни и вредни, тие обично стануваат способни и вредни за носење оружје и водење војни.

Овој проблем мора да се решава што побргу и ме интересира што Маск има да каже околу истото. Како и да е, напредокот на Tesla, Елон Маск и технологијата воопшто ита на застрашувачка брзина и време е да се прилагодуваме на овие промени за да не останеме „со прстот во уста“ на крајот. Возбудливи и застрашувачки времиња се пред нас.

Дополнителни информации: TechCrunch, ITPro, Gizmodo, IFLScience

Претходна статијаGoogle Maps со нов освежен дизајн и подобар начин на истакнување на „области на интерес“
Следна статијаTwitter верификуваните сметки достапни за сите корисници на мрежата