35

На 02.03.2016 (среда) во центарот за дизајн и иновации – Јавна Соба, преку мултимедиjaлна уметност на тема „Прилагодувања- adjustments“ ќе ни се претстави Никола Колев.

25 годишниот Никола кој има Даунов синдром поседува уникатен талент за креирање уметнички дела користејќи компјутерски алатки.

Името на изложбата на Никола, „Прилагодувања- adjustments“ , претставува метафора за сите лица со попреченост кои се обидуваат активно да се вклучат во општеството. Прилагодувањата во секојдневието за овие лица сé уште се предизвик, поради недостатокот на општествен капацитет за прифаќање на различностите и разбирање на лицата со попреченост. Она што Никола Колев ни го докажува е дека покрај пречките, овие лица имаат и бројни таленти и доблести кои се вредни за восхит.

Преку своите дела, Никола демонстрира силна порака која ќе ни помогне да ги разбереме подобро лицата со Даунов синдром и да им го олесниме прилагодувањето и делувањето во општеството.

Изложбата има продажен карактер и има за цел да ја промовира идејата за заработка од сопствениот труд кај лицата со попреченост, да го стимулира креативното изразување и да поттикне иницијативи за инклузивен дизајн и соработка со професионалци во оваа област (графички, модни, индустриски дизајнери, инженери, архитекти).

Со своите компјутерски изработени дела до сега Никола се има претставено на повеќе изложби и настани во Сули Ан, Пионерски дом „Карпош“, МКЦ, Интернационалното училиште НОВА и изложбениот салон на НЛБ Тутунска банка.

Изложбата ќе се одржи на 2ри Март во 20.00ч во центарот за дизајн и иновации Јавна Соба.

Претходна статијаMicrosoft го гаси Project Astoria – Проектот за пренесување на Android апликации на Windows 10
Следна статијаВо ново видео може да се види како изгледа старт менито на Microsoft HoloLens