soyuz

Неколку пати имаме покривано вести за руската вселенска програма. Иако со доста амбициозни планови, често не беа остварувани или беа одложувани поради некои системски проблеми кои постојат во Роскосмос, руската агенција за вселенска програма. Широката корупција и финансиските скандали предизвикаа губитоци на средства, а понекогаш и проблематични лансирања на ракети и слично.

Затоа Русија од 1 јануари 2016 година ја затвора Роскосмос, а во исто време основа нова, државна вселенска агенција која ќе го наследи нејзиниот имот и практично ќе ја врши истата работа. Овој пат разликата е во тоа што новата компанија ќе биде под посилен надзор на државата и ќе се делува против корупцијата и криминалот од страна на вработените.

Законот беше донесен уште во јули 2015 г. од страна на руската Дума, а претседателот Путин го потпиша указот завчера, на 28-ми декември. Со законот се предвидува реструктурирање на компанијата, а работниците кои евентуално би биле отпуштени ќе добијат парична компензација во согласност со руските закони.

Веста, нормално, е пренесена од западните медиуми како „Путин ја затвори Роскосмос“ налик секакви вести околу Русија. Да си помисли човек дека не постои никој друг во тие 150 милиони кои прави и мисли нешто. Само еден и единствен Путин донесува одлуки за се’ живо.

Да се надеваме дека со овој потег ќе се засили довербата во руската вселенска програма и технологија (која и така е прилично висока, имајќи предвид дека САД и други ги користат за извршување на некои вселенски мисии) и ќе се елиминираат сите криминалци, овозможувајќи стабилен и амбициозен развиток во иднина.

Извор: The Verge, Engadget

Претходна статијаHOM-BOT Turbo+ е роботот-чистач за вашиот дом
Следна статијаFalcon 9 ракетата на SpaceX која направи успешно вертикално слетување е спремна повторно да лета