Проектот VoiceUp започна со реализација на два од петте предвидени еднодневни настани низ Македонија – во Битола и Св. Николе. Преку 60 учесници од овие два града веќе имаа можност одблизу да се запознаат со целите и активностите на проектот и директно да се инволвираат во следните фази на VoiceUp. Проектот несомнено ќе ги поттикне сите учесници да ја изразат својата граѓанска свест во креативна форма и истата да биде промовирана преку најмоќните алатки денес – социјалните мрежи.

Учесниците во VoiceUp (млади од 18 до 35 години) активно ја проследија дневната агенда за моќта на социјалните медиуми во денешното општество, составена од три блока предавања, видео содржини и дискусија. Преку низа примери, фотографии и видео материјали кои се составен дел од нашето секојдневие, главниот предавач, сценарист и режисер Илија Пиперкоски, се обиде на најдобар можен начин на учесниците да им ја претстави моменталната реалност и позитивните ефекти од социјалните мрежи кои можат да се искористат. Дискусиите пак од друга страна, начнаа многу суштински и исклучително важни теми за сите нас, почнувајќи од загадувањето, зголемениот број на малигни и канцерогени болести, политички збиднувања како и локални настани и нивното одржување во помали средини.

Овие средби замислени во вид на пренос на знаење треба да им послужат на сите учесници да се стекнат со практични алатки кои ќе им помогнат во промоцијата на сопствените идеи. Учесниците имаат на располагање веб платформа на која ќе бидат промовирани нивните креативни дела, е-училница со туторијални видеа од различни области како фотографија, графички дизајн, аудио и видео, како и форум преку кој учесниците ќе бидат во постојана комуникација меѓу себе и со менторите, и на тој начин ќе можат да ги споделат и продлабочат своите искуства и знаења.

Во оваа фаза од проектот предвидени се уште три еднодневни средби во Скопје, Гостивар и Куманово. Веќе во четврток со почеток во 17 часот во центарот за дизајн и иновации Јавна Соба, VoiceUp ќе ја организира средбата со Скопјани, како последен настан за оваа 2016та година. Останатите два настани ќе бидат одржани кон крајот на јануари 2017та. Апликацијата за учесници е сè уште отворена и може да се најде на сајтот на VoiceUp www.voiceup.mk , како и на профилите на VoiceUp на социјалните медиуми.

Проектот VoiceUp е поддржан од УСАИД Македонија и се реализира во соработка со Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“, Еуро Колеџ – Куманово, Центарот на култура АСНОМ во Гостивар и бројни невладини организации од цела Македонија.

Претходна статијаТим Кук порачува: Apple е посветен на десктоп компјутерите
Следна статијаСпремете се за полагањето на тестови за возачка со оваа Android апликација