facebook-715811_640

Што прво Ви паѓа на памет кога ќе го слушнете поимот “Социјална Мрежа”? Дали под социјална мрежа подразбирате начин за поврзување со Вашите најблиски? Играње на игри и одржување на виртуелна фарма? Место каде што ќе може да ги споделите Вашата тага, радост …  Место каде што можете да го искажете својот револт кон владата или пак системот и да го споделите својот револт и мисла со Ваши истомисленици, или пак да се вклучите во жестока дебата во која ќе го браните Вашиот став? Место каде што ќе може да бидете некој кој што не сте се осмелиле да бидете во реалниот живот? Можеби, социјалните мрежи ги користите само за да бидете во тек со настаните. Многумина, социјалните мрежи ги користат и за водење на успешен бизнис каде што луѓето, најчесто во Македонија, сакаат да дознаат за “CENA” која сакаат да им биде испратена во “ImBOX”.

За што и да се користат, како и да се перципираат, социјалните мрежи имаат големо влијание врз животот на луѓето. Според статистиката од SpecialBakers.com во Македонија има 930.340 корисници, 297.709 од нив се на возраст помеѓу 18 – 24, и 57% од нив се машки, а пак 43% женски, тоа значи дека 44.9% од популацијата на Р. Македонија се членови на најголемата социјална мрежа во светот, која има над 845 милиони корисници, Facebook, а 46.5% од домаќинствата се со интернет пристап. Тоа значи дека скоро половина од населенитето на Македонија има направено профил на Facebook, а да не ги спомнуваме останатите социјални мрежи како Twitter, Instagram, Pinterest, YouTube и останатите.

Социјалните мрежи во моментов се главен двигател за промени, мегафон на народот и преку нив може да се слушне сечиј глас. Во Турција, Грција, па и во Македонија, се организираа протести и маршови, се информираше јавноста и луѓето се собираа со помош на информации пласирани на социјалните мрежи. Но, има и такви кои сиот револт го истураат на мрежите и мислат дека тоа е доволно за да направат нешто за да помогнат во општеството. Бидејќи на социјалните мрежи секој може да го скрие идентитетот, има разни коментари со говор на омраза со кој се подгреваат тензиите и многу од информациите кои што се споделени може да бидат неточни и лошо сфатени.

Поради огромната бројка на корисници и лесниот пласман кон истите, голем број на компании ги користат социјалните мрежи за продажба и маркетинг. Поради тоа, кај и да кликнеме ни се рекламираат секакви производи. Иако е неоспорен фактот дека на децата, односно на тинејџерите не треба да им се забрани пристап поради многуте корисни информации кои се споделуваат, сепак постои ризик тие да бидат изложени на слики, видеа и текст со непријатна содржина.

Социјалните мрежи се отворени за сите и секој може да објави речиси се што ќе посака. Можете да видите слика од некој што вози BMW од 100.000 евра. Можете да видите и текст на некој што моли за донации и помош. Така може да се појави и депресија кај корисниците на социјалните мрежи. Депресијата најчесто се јавува кај тинејџерите. Така тие објавуваат најчесто слики на кои лажно се претставуваат себеси, најчесто да прикажат слика дека и тие живеат пристоен живот. Бидејќи на социјалните мрежи Вие можете да ги внесете сите Ваши податоци, како на пример каде живеете, кој е Вашиот број, каде сте работеле и слично, многу е лесно да најдете работа или да вработите некого, или пак да ја најдете љубовта на Вашиот живот според профилот. Но, исто така, поради непроверени податоци може често и да се излажете или пак, да се изложите на опасност поради објавените лични податоци.

Секако, социјалните мрежи се од огромно значење во модерниот свет во кој живееме. Но, треба да сфатиме дека животот се состои и од физичка интеракција, а не само виртуелна. Се помалку деца си играат криенка, граница, фудбал, а се повеќе се пред компјутерите, телефоните, таблетите … Сепак, треба во се да се има умереност.

Претходна статијаВидео: новиот систем за автономно возење на Tesla лесно се снаоѓа и во градски услови
Следна статијаНовите Nokia телефони ќе бидат претставени во февруари наредната година на MWC