Twitter се огласи денес објавувајќи дека лансира нова, мобилна, веб-апликација наменета за растечките пазари, наречена Twitter Lite. Се работи за класична „олеснета“ варијанта на апликацијата за корисници кои имаат послаб интернет, недоволно меморија или едноставно бавен уред.

Според Патрик Траугбер, продукт-менаџерот на Twitter, апликацијата ќе користи минимално количество на податоци, побрзо ќе се вчитува при слаба конекција, а ќе „тежи“ помалку од 1 MB меморија на вашиот уред. Вака конфигурирана, истата ќе се покренува 30% побрзо на просечен уред, а сепак ќе ги задржи клучните елементи кои се најпрактични за корисниците како директна порака, „трендови“ и известувања.

Со цел дополнително зачувување на меморијата, новиот Twitter ќе овозможи преглед на слики и видеа, пред да одлучите кои од нив сакате целосно да бидат вчитани. Се проценува дека ваквиот начин на функционирање може да заштеди до 70% од интернет капацитетот потребен за користење на регуларната апликација.

Ваквиот концепт, како што е претходно напоменато, е наменет за растечките пазари. Конкретно се работи за пацифичките острови, Африка и Латинска Америка, меѓутоа е одличен начин за заштеда на „непроценливите“ мегабајти интернет сообраќај и кај останатите корисници. Новиот Twitter Lite е достапен за корисниците на двата најпопуларни оперативни системи.

Извор: Twitter

Претходна статијаiPhone 8 и „официјално“ ќе има OLED дисплеј?
Следна статијаМакпетрол: Зачестена продажба на плински боци од неовластени лица