Twitter го гасне Vine сервисот за кратки видеа

Напишано на 28.10.2016 - 14:49 од Мишо Лекиќ

vine-logo-1

Twitter ја купи компанијата која стоеше зад развојот на Vine во 2012, уште пред истата да биде пуштена во јавноста. Тоа се случи во 2013 година во рамките на Twitter, по што многу брзо стана една од најпопуларните апликации, барем во нејзината категорија.

Тоа воопшто не беше изненадување, а посебно „природно“ делуваше оваа апликација да биде дел од Twitter, со оглед на скоро истиот концепт, односно пристап, само во овој случај кон видео содржината.

Сепак, како што поминуваше време, иако апликацијата задржа голем број на корисници, тој не остана како што се очекуваше висок.

Од сега за сега непознати причини, Twitter информира дека во наредните неколку месеци планира да ја згасне оваа апликација, односно целосно да ја прекине нејзината работа.

Повеќе информации за оваа одлука ќе бидат објавени во некоја наредна прилика, а во овој момент од компанијата само изјавија:

Ништо не им се случува на апликациите, веб страната или на вашите Vine објави денес. Ние ве цениме вас, вашите објави и ова ќе го направиме на правиот начин. Ќе бидете во можност да пристапите и да ги симнете вашите објави. Ќе ја задржиме онлајн веб страната затоа што мислиме дека е важно да се’ уште може да се гледаат сите тие неверојатни објави кои што беа направени. Ќе бидете известени пред да направиме било какви промени на апликацијата или веб страната.

Голем фактор во ваквата одлука сигурно е и конкуренцијата која доаѓа од Facebook, Instagram и слични, па со оглед и на проблемите со кои се соочува Twitter како компанија, одржувањето на Vine изгледа веќе не е исплатливо.

Дел од основачите на Vine веќе ја имаат напуштено компанијата, а еден од нив излезе на Twitter со совет до останатите, да не си ја продаваат сопствената компанија.

Извор: Vine (Medium), TechCrunch, The Verge

За Авторот

Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.