Постоењето на таканаречените ботови, или вештачка интелигенција се поврзува со самиот почеток на информатичката ера. Со оглед на тоа овој феномен не ги заобиколи ни социјалните мрежи, каде развивачите на вештачка интелигенција увидоа полигон за тестирање на своите креации кои ќе имаат прилика директно да бидат во интеракција со луѓе, што по извесно време ќе ги направи дотолку слични со вистинските луѓе што е тешко да се направи разлика.

Еден од веројатно најдоборите „полигони“ за развој и унапредување на вештачката интелигенција, независно за кој аспект би се користела, секако е социјалната мрежа „Twitter“. Генерално, самиот збор бот кај просечните корисници на интернетот предизвикува негативно настроение. Ботовите се поврзуваат со таканаречениот „spam“ или други видови на непосакувано однесување за регуларниот корисник. Меѓутоа, како што откриваат поедини истражувања, Твитер-заедницата брои околу 48 милиони ботови. Студијата покажува дека оваа бројка, всушност претставува еден добар дел од вкупниот број на активни членови, односно помеѓу 9 и 15 проценти. Покрај тоа што претставуваат интересно „малцинство“, ботовите располагаат  со „познавање“ на основните алатки кои ги нуди мрежата:  Like, retweet и follow.

Прашањето кое се поставува е потребата од постоење на овој феномен, кој како се чини, е поддржан дури и од самото раководство на Twitter. Важно е да се направи разлика во примената на популарните ботови. Иако генералната перцепција е негативна, праксата покажува дека добар дел од ботовите всушност имаат неверојатно позитивен ефект. Како пример би можеле да се наведе споделувањето на вести и предупредувања поврзани со природни катастрофи, потоа вонередни ситуации како терористички напади или едноставно било каков вид на закана. Понатаму, праксата покажува дека истите се неверојатно делотворни при распространување на вести или координирање на волонтерски активности.

Секако, присатна е можноста ботовите да бидат користени и во негативни цели, како на пример ширење пропаганда или неточни информации, што е особен тренд во последно време. Заклучокот би бил дека ботовите, всушност имаат голем потенцијал за практична намена во позитивна смисла, но сеуште е тешко нивното контролирање.

Во таа насока Twitter нуди неколку алатки преку кои корисницните можат самите да се заштитат од несакана интеракција со ботовите. Веројатно наједноставната и практично применлива е mute notifications за налози кои имаат непотврдена и-мејл адреса, телефонски број или користат default профилната фотографија.

Твитер е заедница која својата популарност ја заработи токму на анонимноста на корисниците на кои им е дозволена речиси неограничена интеракција, па феноменот на ботовите воопшто не би требал да изненадува.

Претходна статијаНаскоро ќе летаат електрични авиони – MagniX веќе има спремен прототип
Следна статијаНаучници успеаја да снимат 1 бит информација на 1 атом