„Твитовите“ од 140 карактери заминуваат во историја

Напишано на 03.10.2017 - 13:53 од Смартпортал

Популарната социјална мрежа Twitter ги дуплираше бројот на карактери достапни за пишување на „твитови“ со цел на корисниците да им пружи шанса појасно да се изразуваат. Ваквиот чекор доаѓа како резултат на истражувањата кои самата компанија ги направила, а каде заклучокот е дека 140-те карактери едноставно не се доволно за корисниците да го искажат своето мислење или став.

Според она што го анализирал тимот на Twitter, 9% од „твитовите“ го исполнуваат максималниот број на карактери, односно добар дел од корисниците мораат да ги адаптираат своите мислења на бројката од 140 карактери, со цел да се изразат.

Ваквата проблематика ги „мачеше“ корисниците од речиси сите говорни подрачја, освен секако оние кои користат знаковно писмо како на пример Јапонците, Кинезите и Корејците. Статистиката вели дека просечниот „твит“ напишан на јапонски користи само 15 знаци, додека само 0,4% воопшто го достигнуваат дозволениот лимит.

Лимитот од 140 карактери беше адаптиран од претходно востановеното „правило“ кај СМС пораките, што беше примарниот начин на споделување на „твитовите“. Имено, СМС пораките се ограничени 160 карактери, од кои 140 беа резевирани за „твитот“ додека преостанатите 20 требаше да бидат искористени за корисничкото име.

Зголемувањето на бројот на карактери секако оди во насока на поквалитетен начин на комуникација, меѓутоа една од препознатливите функции на Twitter е токму кусиот и прецизен начин на комуницирање во реално време. Опцијата во моментот е во својата тест-фаза и наскоро ќе биде достапна и за корисниците од нашиот регион.

Извори: The Verge, CNN

За Авторот