Споредба на Cloud Storage сервиси

Напишано на 09.12.2016 - 12:06 од Ивица Милошески

Најдобар начин за безбедно складирање на Вашите податоци изминативе години се секако Cloud Storage сервисите. Во една од нашите статии објаснивме Што е Cloud и како да ја изберете најдобрата опција“. Сега ќе се обидам да Ви ги споредам моментално најдобрите Cloud Storage сервиси поединечно за да можете полесно да се одлучите според Вашите потреби.

OneDrive е Cloud Storage сервис на една од најмоќните софтверски компании. OneDrive има според мене најдобар интерфејс и е најдобра опција доколку ќе Ви биде потребно користење од повеќе оперативни системи односно мултиплатформско работење, иако секако најдоброто искуство ќе имате доколку сте корисник на Windows оперативниот систем.

Бесплатната опција нуди 5GB, што може да се смета за не толку дарежлива понуда. Можете да прикачите било каква датотека како на пример слики, видео или пак документи и ќе Ви ги организира во папки според типот на датотеката за полесно пребарување.

Најголема предност на овој сервис е што одлично функционира со Microsoft Office пакетот кој е најкористен office пакет моментално. Microsoft од 2016-та година го намали бесплатниот простор од 15GB на 5GB. Исто така го намали просторот и за Office 365 претплатниците. Сега 100GB и 200GB опциите не постојат туку постои само опцијата за 50GB за месечна претплата од $1.99.

Google Drive како што кажува и самото име e Cloud сервис кој го нуди Google. Предноста на овој сервис е што нуди најголем бесплатен простор од 15GB, што е сосема доволно за бекап на најбитните фотографии на пример. Имате ограничување од 5GB за еднократно прикачување на датотека.

Google Drive Ви нуди и едноставен вграден веб Office пакет за креирање и модификување на документи, табели и презентации. Исто како и OneDrive и овој сервис нуди опција за мултиплатформско работење. Има засебни апликации за Windows, Mac, iOS. Сепак, тие 15GB што ги споменавме погоре, не се само за користење на Drive, туку ќе треба да ги споделите со Gmail, Google+ и со сликите кои ги прикачувате во оригинална големина од Google Photos која е одлична апликација особено за мобилните платформи.

iCloud е производ на Apple и се разбира најдобро функционира со iPhone и со Mac компјутерите. Со iCloud добивате 5GB бесплатен простор за складирање на Вашите слики, видеа, песни, документи и музика. iCloud Photo Library автоматски ќе Ви ги прикачи Вашите слики и видеа и автоматски ќе Ви бидат достапни на сите Ваши Apple производи како iPhone, Mac, iPad, Apple TV. На тој начин можете и да ослободите простор од Вашиот iPhone за повеќе слики и видеа.

Со iCloud Drive можете безбедно да ги складирате сите Ваши документи и истите да Ви бидат достапни на Вашиот компјутер или мобилен уред. Доколку 5GB не Ви се доволни, имате опција за месечна претплата од $0.99 да добиете 50GB, за $2.99 да добиете 200GB, за $9.99 1TB и за $19.99 да добиете дури 2TB простор. Според мене ова се најдобри цени за Cloud Storage.

Одлична е опцијата и за автоматски бекап на Вашиот iPhone на iCloud со што сите Ваши податоци ќе бидат безбедно сочувани од ненадејно губење или расипување на уредот.

Dropbox е најомилениот и најкористениот Cloud сервис бидејќи според мене е најлесен за користење и сетирање и како и останатите, има апликации за повеќе оперативни системи како Windows, Mac, iOS и Android, па дури и Windows Phone.

Со Dropbox добивате 2GB бесплатно ако креирате корисничка сметка од нивната страна што и не е така дарежливо. Но, со препорачување на Dropbox на Вашите пријатели и со активирање на опцијата за автоматско прикачување на сликите можете да добиете до 16GB бесплатен простор, а доколку го користите на HTC мобилните телефони можете да добиете 23GB бесплатен простор.

Исто така, предност е што нема рестрикции во прикачувањето на единечни датотеки. Веб дизајнот на Dropbox не е така симпатичен бидејќи е премногу едноставен и немате многу можност за сортирање на датотеките, но мобилните апликации се одлични и со повеќе опции.

Ова се според мене најдобрите неколку од многуте опции кои ги има на пазарот. Ваше е само да се одлучите.

За Авторот

Јас сум Бетмен. Кога бев мал сакав да бидам космонаут, можеби затоа толку ги гледав Star Trek. Матрикс и Господар на Прстените можам да ги гледам по милион пати. Дете на транзиција. Ја сакам технологијата како што Мистер Бин го сака мечето. Заљубен во Apple. Навивам за Манчестер Јунајтед. Смрт за фашизмот!

  • dtudfhdf

    Zaboravivte da kazete deka na OneDrive so galaxy s6 dobivate besplatni 100giga na 2 godini.