Ammunition_Work_Puddle_Interface02

Мора да се призне дека во ова време на интернет гледаме се повеќе концепти кои што целосно го менуваат начинот на кој што работите функционираат веќе со децении, а може и векови. Масовноста на интернетот, поврзувањето на корисниците од целиот свет кое што е овозможено, ги турка државните бариери и креира посебен свет со посебни, послободни правила.

Позајмувањето на пари во главно се прави на повеќе начини. Главниот начин, а посебно ако се работи за поголеми суми, се банките, а често истото се прави и преку пријателите или роднините.

Puddle е систем кој што сака целосно да ги тргне банките од бизнисот на позајмување на пари, а истото да го направи преку еден вид на социјална мрежа наменета за оваа активност. Како е замислен да функционира овој систем?

За да можете да позајмите пари, прво мора да вложите пари во групата во која што сте член. Групите обично се составуваат од самите корисници кои што решаваат да „си веруваат“ меѓусебно. Во групите може да членуваат луѓе кои што ги познавате, меѓутоа и било кои други корисници со кои што взаемно имате избрано да си верувате. Вложувањето на пари ви овозможува позајмици до 5 пати од вредноста која што ја имате вложено. Позајмиците се добиваат од вкупната сума која што е достапна од сите вложени пари во групата, односно намалена за моментално позајмената сума.

Првото вложување е ограничено на 10 долари, што ви овозможува позајмица од најмногу 50 долари. Позајмените пари имате можност да ги враќате во период од 3 до 6 месеци, а за тој период не плаќате камати, туку само фиксни месечни суми за услугата кои што се зголемуваат со големината на позајмицата. Па така, за позајмица до 70 долари, се наплаќа 1 долар месечно при враќањето на парите. Се разбира, како и кај банките, можно е враќање на парите порано од поставениот рок.

Ammunition_Work_Puddle_Interface01

Секој член на овој систем добива оценки од другите членови со што се здобива со одреден углед. Врз основа на него потоа членовите може да носат одлука дали би сакале да му веруваат на него и со тоа да го додадат во својата група. Зголемувањето на бројот на членови во една група е пожелна работа поради зголемувањето на вложените пари и можностите за позајмици.

Дали овој систем ќе добие на популарност и ќе успее некогаш значително да ги загрози банките ќе биде интересно да видиме. Сега за сега претставува една интересна платформа каде што може да отидете кога сакате да купите некој мобилен телефон на пример, меѓутоа ги немате веднаш парите. Дефинитивно интересен концепт.

За жал, Puddle, моментално е достапен само за корисници кои што имаат сметки во некоја од американските банки. Оваа сигурно не изненадува, а може само да се надеваме дека концептот ќе успее, па еден ден ќе стане глобален, без разлика дали од оваа компанија или некоја друга.

Извор: Puddle

Претходна статијаAdobe Photoshop денеска наполни 25 години
Следна статијаGoogle Nexus 9 достапен во Anhoch
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.