WeTalkIT заедницата на млади IT ентузијасти, овој пат во соработка со Skopje Legal Hackers, денес официјално го лансираат новиот проект наречен “Правен Калкулатор”.

Со единствена цел да придонесат за позитивни промени во општеството и да им помогнат на своите сограѓани, тие ја изработија алатката „Правен Калкулатор“ како и мобилни апликации за користење на истата.  Главниот мотив зад овој проект е да им се помогне на  граѓаните полесно и попрецизно да ги пресметуваат трошоците за различни правни постапки.

Алатката овозможува пресметка на различни видови правни трошоци вклучувајќи адвокатски и нотарски тарифи, закон за судски такси, тарифа на катастар и останати тарифи кои до сега ви биле комплексни за толкување. Почнувајќи од продажба на недвижен имот, купопродажба со хипотека, се’ до присилна наплата на фактури, со Правниот Калкулатор ќе можете ориентационо да проверите колку би ве чинела некоја од овие постапки во Република Македонија и ќе може лесно да го испланирате својот буџет. Бидејки во реалноста постојат голем број на варијабли, калкулаторот не пресметува со 100% прецизност, меѓутоа естимира ориентациона вредност на постапката.

“Овие постапки се застапени секојдневно. Сите тие опфаќаат трошоци предвидени во различни тарифници, што претставува пречка за предвидување на тој трошок во буџетот кога се започнува било која од постапките. Затоа решивме да покренеме иницијатива за реализација на еден ваков општествено одговорен проект, за кој колегите од WeTalkIT со задоволство ни излегоа во пресрет. Тие се погрижија технички да ја реализираме оваа иницијатива, која веруваме дека ќе биде од голема помош.“ – велат од Skopje Legal Hackers.

Алатката е достапна на веб страната www.pravenkalkulator.mk како и во форма на мобилна апликација која може да се инсталира на Android и iOS мобилни телефони. Правниот калкулатор е многу лесен за користење и ќе ви овозможи лесно  да ги пресметате правните трошоци на чинење кои до сега ви претставувале проблем.

“Навистина ни е драго што бевме рамо до рамо со Skopje Legal Hackers при реализација на овој проект. Не’ радува што нашата заедница ги мотивираше и инспирираше младите правници да покренат иницијатива за креирање на оваа алатка, која веруваме ќе им биде од голема помош на сите наши сограѓани. Ги охрабруваме сите да ја користат алатката и се радуваме што како IT ентузијасти овозможивме да се создаде продукт кој ќе придонесе за доброто на граѓаните.” – велат од WeTalkIT

Следствено на првиот проект на WeTalkIT, кој беше реализиран по повод Super Cup 2017 во Скопје, и овој проект е реализиран без никаков финансиски надомест за било која од двете заедници. Ве повикуваме да им се придружите на овие млади ентузијасти и да им помогнете во нивната цел да работат на општествено одговорни проекти.

“Калкулаторот може да се надградува со нови постапки, како и да се вршат измени во постојаните. Доколку имате идеи или забелешки ве молиме истите споделете ги на фан страната на Skopje Legal Hackers.”

Претходна статијаДокторската теза за гравитациска радијација на Стивен Хокинг достапна и онлајн
Следна статијаApple ја намалил прецизноста на Face ID за да може да постигне со производството на iPhone X