social-1691149_640

Идејата за социјалните мрежи на почетокот беше да ги поврзе и да ги зближи луѓето кои имаат заеднички интереси и да биде алатка за комуникација преку интернет. Го помнам времето на MySpace каде што луѓето се запознаваа преку заедничкиот интерес за музика, споделуваа мислења за албуми на нивните омилени артисти или бендови, се дебатираше за уметност. На Hi5, социјална мрежа која кај нас беше најпопуларна, тинејџерите најмногу споделуваа слики, бидејќи мрежата беше најраспространета кај таа старосна група од 14 до 18 години.

Но, денес социјалните мрежи се многу повеќе од MySpace и Hi5, многу повеќе од интерес за музика и споделување на слики од излегување на друштвото по дискотеки. Facebook и Twitter се најголемите медиуми преку кои огромен број на корисници се информираат за настаните во светот и дома.

Според последните податоци, Facebook во 2016-та година има 1.790.000.000 активни корисници, а Twitter има преку 317.000.000 активни корисници. Ниту еден медиум нема толкав број на читатели, гледачи или слушатели. Секојдневно на овие платформи се пласираат различни информации. Замислете колкав е протокот на информации и колку брзо тие може да се прошират и кој се може да ги дознае. На тој начин, овие платформи станаа сенаменски.

Прво нешто што Ви паѓа на памет кога го отворате Вашиот веб пребарувач Chrome, Edge или Firefox е да отворите Facebook и Twitter. И веднаш Ве “напаѓаат” текстови, слики и видеа со различна содржина.

Поради лесниот пристап до голем број на корисници, политичките партии со помош на PR и маркетинг агенциите веќе наголемо почнаа да ги користат социјалните мрежи за промоција на политичките агенди и програми. Дури и митинзите на партиите сега се пренесуваат во живо за да допрат до што поголем број на корисници, односно до поголем број на гласачи. Се повеќе има спонзорирани објави и реклами. Луѓето се собираат на протести со повици на социјалните мрежи. Се промовираат кандидати за пратеници и градоначалници.

Но, лошата страна е што корисниците имаат преголема доверба во се што ќе прочитаат и видат на Интернет. Се поголем е бројот на веб страни кои пласираат лажни вести и ги промовираат на социјалните медиуми поради брзиот начин на ширење на информациите. Така, корисниците можеби читаат лажни вести на кои веруваат, без да ги проверат фактите. Така, тинејџери од Велес пласираа лажни вести околу претседателската кампања во САД и тие вести стигнаа до читателите на САД. Проблемот не е што има лажни вести. Проблемот е што луѓето не се едуцирани дека не е се вистина што има на Интернет, односно на социјалните медиуми.

Уште полошо е што веб порталите работат на принцип Copy/Paste и така, штом ќе видат дека некоја вест е читана, тие брзаат да ја објават и на тој начин не ја проверуваат. Само сакаат да имаат кликови и читања на нивната страна.

Сепак, според мое мислење, треба да постојат секакви информации на социјалните мрежи. Но, се треба да се провери, па откако ќе се провери, секој треба да си оформи свое мислење. Исто така, говорот на омраза е се позастапен во коментарите на објавите на некои корисници.

Глобализацијата е одлична, само затворените умови сеуште имаат потешкотија да се навикнат на новиот начин на восприемање на информациите и нивното процесирање.

Претходна статијаИнстаграм ќе ги известува корисниците кога е загрозена нивната приватност
Следна статијаStar Wars смартфони за љубителите на филмската класика