onedrive-photos

OneDrive веќе вклучува неколку функции кои што треба да го направат сервисот попривлечен за менаџирање на сликите. Промените кои што се воведуваат од оваа недела се наменети значително да ја унапредат оваа активност, а сервисот да биде специјално направен за чување, менаџирање и споделување на сликите.

Моментално сликите можат автоматски да бидат прикачени во облакот преку мобилните апликации за iOS, Android и Windows Phone. Доколку ја имате вклучено оваа можност, секоја слика која што ќе ја сликате, автоматски е прикачена во посебна папка за таа намена во облакот. Исто така, со вклучување на новите корисници на оваа функција, автоматски добиваат дупло повеќе бесплатен простор во OneDrive, односно 30GB.

Новина во овој дел е можноста за автоматско прикачување на сликите во облакот и од други уреди, како што се дигиталните камери, USB стикчиња, надворешни дискови и слично. Корисниците на Windows 7 или понов, се вклучување на некој од овие уреди на нивниот компјутер, ќе можат да вклучат автоматско прикачување на сликите во облакот. Сликите автоматски ќе бидат ставени во папката Camera uploads која што ќе биде креирана по првото прикачување.

Исто така, OneDrive добива уште една функција која што е достапна на Dropbox, а е навистина корисна за одредени видови на корисници. Секој screenshot што ќе биде направен на компјутерот ќе биде автоматски зачуван во облакот во посебна Screenshots папка. Функцијата на компјутерот ќе продолжи да функционира како и досега, а сликите ќе бидат зачувани за нивно користење, измена и споделување.

Сликите кои што се чуваат во облакот веќе одреден период имаат посебен дел наменет само за нив. Наместо да ги пребарувате сите слики што ги имате во разни папки, тие можете да ги видите во делот Photos каде што се прикажани хронолошки, а се означени и со дата и место на сликање.

Овој дел исто така е унапреден со додавање на албуми и ознаки. Албумите можете сами да ги креирате од сите слики кои што ви се достапни во облакот, без разлика во која папка се наоѓаат. Албумите исто така ќе имаат посебен начин на прикажување на сликите во форма на колаж, а при нивното отворање тие ќе бидат прикажувани на целиот екран од прелистувачот. Албумите може да бидат споделувани со други корисници кои што ќе го добиваат истото корисничко искуство како што вие го имате.

01_LinksToAlbums_Original

Ознаките се исто така нов начин на организирање на сликите. Сите слики кои што ги ставате во облакот можете да ги означите за полесно да можете да ги пронајдете во иднина. Сепак, нема да мора секоја слика самите да ја означувате поради тоа што OneDrive на сликите ќе додава автоматски ознаки. Тоа значи дека секоја слика е скенирана од страна на посебен алгоритам кој што препознава што е тоа на сликата. Доколку веќе чувате слики на OneDrive можете да видите дека тие се веќе поделени во делот ознаки според тоа дали на нив има луѓе, пејзажи, храна, животни и слично.

03_iOSTags2

Новиот начин на прикажување на сликите, како и албумите и ознаките е веќе достапен преку веб и OneDrive апликацијата за iOS. Достапноста на Android и Windows Phone е најавена за наскоро.

Со оглед дека се што се чува во облакот е предмет на скенирање на одредени алгоритми, достапна е и можноста за пребарување на содржината според текстот. Така, ќе можете да пребарувате Word и PDF документи според содржината во нив, слики според ознаките, местото на сликање, како и одреден текст кој што е изваден од нив. Што се однесува до сликите, ќе можете да пребарувате на пример слики од плажа, без разлика дали така ги имате означено или именувано.

02_Search_experience2

Се разбира дел од овие можности се причина одредени корисници да ги избегнуваат сервисите во облакот поради зачувување на приватноста. Се што е ставено во облакот е скенирано од страна на софтвер, па тоа потенцијално може да претставува проблем во иднина од разни причини. Како и да е, за тие кои што не сметаат дека тоа е проблем, новите додатоци во OneDrive сигурно го прават сервисот навистина погоден за чување на големиот број на слики кои што ги имаат.

Извор: Office Blog

Претходна статијаНовиот Dell M3800 со Ultra HD екран цели директно кон MacBook Pro
Следна статијаBluewire: Hands-Free слушалки кои го снимаат секој телефонски разговор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.