Instagram во последниот период направија неколку големи промени во начинот на функционирање и во изгледот на апликацијата. Некои промени ги поздравувам, но некои промени според мене, ја менуваат првичната замисла на апликацијата и со тоа може да изгубат голем број на корисници. Промената на легендарното лого на апликацијата дојде некако нагло и беше предмет на потсмев долго време. Но, сите поминавме преку тоа и веќе се навикнавме на новото иконче на нашите паметни телефони.

Ја поздравувам опцијата за вклучување во живо, иако некои луѓе го сметаат за непотребно, но сепак мислам дека главната причина поради тоа е бидејќи Instagram по автоматизам ги има активирано известувањата кога некој ќе се вклучи во живо. Но, во некои ситуации може да биде корисно, доколку следите некој од Вашите омилени филмски, музички или спортски идоли или пак кога има некој немил настан и да има репортажа од самото место со кое што ќе Ве извести или пак предупреди.

Исто така, иако ја украдоа идејата од Snapchat за Insta Stories, сепак мислам дека ја усовршија идејата. Треба само да бидат помалку офанзивни кога се работи за автоматизирањето на известувањата кога некој за прв пат ќе објави Insta Stories или пак кога по подолго време ќе објави некоја слика. Не ми се допаѓа и опцијата за споделувања на албуми со фотографии зошто се губи целата поента на апликацијата. Instagram ја овозможија и опцијата Two Factor Authentication со која Вашиот профил ќе има подобра заштита.

По серијата промени, Instagram објавија дека наскоро ќе ги замаглуваат видеата и фотографиите со осетлива содржина. Корисниците сеуште ќе може да ја прегледаат содржината, но ќе мора да кликнат на неа. Не е јасно каков тип на осетлива содржина ќе биде заматена, односно каква содржина ќе биде опфатена. Не изгледа дека компанијата ќе ја промени стратегијата кога се работи за објавувањето на сликите и видеата, туку дека само сака да се справи со корисниците кои пријавуваат дека не им се допаѓа тоа што го гледаат, иако објавената содржина не се коси со моменталните критериуми на Instagram.

“Иако содржината која е објавена не е спротивна на она што го имаме како критериум, сепак заедницата на корисници ја пријавила како несоодветна и мораме да реагираме според пријавеното” изјави Генералниот Директор на Instagram Kevin Systrom. “Оваа промена значи дека ќе имате помалку шанси да сретнете навредлива или друга содржина која мислите дека е несоодветна за Вас.”

Instagram долго време се мачат со голотијата која се објавува на платформата. Компанијата наиде на голем број на критики откако избришаа неколку фотографии и блокираа неколку кориснички сметки иако тие не ги кршеа критериумите на Instagram. Наидоа и на критики поради тоа што бришеа и фотографии кои беа илустрации, односно цртежи на кои имаше претставено голотија.

Колку и дали цензурата е добра ќе се дознае по тоа колку корисници ќе добијат, а колку ќе изгубат во иднина. Најмногу и поради самиот факт дека популарноста ја добија и поради славните личности кои редовно објавуваат голотија како Ким Кардашија, Кајли Џенер, Ријана и др.

На крај, како чин на креирање на попријателска и подобра заедница на корисници, Instagram ќе организираат “InstaMeets” на глобално ниво, каде корисниците ќе може да се запознаат и да се зближат.

Претходна статијаМистериозна голема кутија ги заинтригира Скопјани
Следна статијаПонуди за работа во Microsoft потврдуваат дека Windows 10 Mobile ќе продолжи да се развива