Не сме сигурни за просечниот корисник, меѓутоа оние кои што користат повеќе сервиси и не ретко мора да се најавуваат на нив, внесувањето на лозинка станува прилично досадна рутина. Доколку на тоа се додаде и дво – факторската автентикација, тогаш најавувањето станува еден од најнеомилените процеси онлајн.
Веќе можевме да прочитаме за некои алтернативни решенија кои што овозможуваат најавување на онлајн сметките без користење на лозинка, а со тоа и дво – факторска автентикација. Едно од тие е решението на Yahoo, кое што овозможува најавување преку прифаќање на известувањето на мобилниот уред.
Google исто така се приклучува во развојот на ваков вид на решение. Тие тестираат систем за најава кој што наместо внесувањето на лозинка, вклучува давање на дозвола за истото преку мобилниот телефон на корисникот.
Пристап до системот моментално имаат помал број на корисници избрани да го тестираат, а информациите доаѓаат од еден од овие корисници.
Процесот е едноставен, а треба да биде и доста безбеден. Кога корисникот ќе сака да се најави на Google, ја внесува само својата email адреса, по што добива известување на својот телефон. На телефонот треба да избере која бројка е прикажана на компјутерот на кој што се обидува да се најави, па по изборот на точната бројка, најавувањето е успешно.
Предноста на ваквите решенија е што покрај тоа што нудат полесен и побрз начин за најавување, тие се значително посигурни. Корисниците поради немањето потреба да користат лозинки, веќе нема да може да ги користат некоја од лозинките како „123456“, „лозинка“ и слични.