Google Maps веќе е една од најдобрите бази за места, односно бизнисите на местото каде што се наоѓате. Со притискање на бизнисот на мапата добивате дополнителни информации, како што е телефонскиот број, слики од местото и слично.

Информациите достапни за корисниците ќе бидат дополнети со информација за тоа дали местото е пристапно за лица со инвалидска количка, односно дали местото има рампи за овие лица.

За почеток овие информации се достапни само во САД, но веруваме дека со тек на време ќе бидат овозможени за целиот свет, а посебно кога ќе се земе во предвид начинот на којшто се добиваат тие.

Информациите за местата се добиваат преку Local Guides функцијата на Google Maps којашто корисниците на мобилната апликација ги прашува да дадат информации за местата што ги посетуваат, каде што едно од нив е и пристапноста за лица со инвалидитет.

Иако достапни се и други начини за добивање на оваа информација, сигурно најпознатата апликација за мапи ќе стане уште покорисна за луѓето во инвалидски колички и ќе им го олесни планирањето кога одат на некое ново место.

Инаку, интересно, оваа нова функција е изработена од страна на Рио Акасака, продукт менаџер во Google Drive тимот. Тој ја има искористено можноста која им е достапна на вработените во компанијата, 20% од времето да го користат за работа на проекти кои не се поврзани со нивната работа, односно работното место.

Извор: TNW, BI, Engadget

Фото: TNW

Претходна статијаPassengers или – Titanic во вселената?
Следна статијаАвион кој ќе лета од Лондон до Њујорк за 20 минути
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.