Најпопуларната социјална мрежа ја збогатува својата понуда со уште една „новина“. Откако Facebook Messenger, им ја понуди на корисниците опцијата за споделување на мултимедијални содржини, како слики и видеа кои самите исчезнуваат по 24 часа, Facebook ги претставува Facebook Stories во својата основна мобилна апликација.

Принципот на кој функционира, сосема е безбедно да се нарече веќе виден. Корисниците на социјалните мрежи со сигурност се веќе запознаени со овој начин на споделување содржини уште од времето кога Snapchat се проби на пазарот и заработи неверојатна популарност. Меѓу другото, Instagram го примени концептот на Stories уште минатата година, а неодамна ваква опција беше додадена и на Facebook Messenger апликацијата. За сега, опцијата е пуштена како тест варијанта за корисниците, но постепено го наоѓа својот пат до сите корисници на мрежата.

Идејата да се клонира ваквата функција која на еден начин беше тестирана на претходно споменатите платформи е истата да се популаризира кај големиот број на корисници на Facebook, кои не ги користат другите социјални мрежи. Facebook настојува начинот на интеракција да го сведе на исклучиво мулитмедијални, визуелни содржини и да привлече што поголема млада публика.

Бројките покажуваат солиден успех при промоцијата на новите начини на интеракција кои ги наметнува Facebook. Меѓутоа, корисниците, особено оние „поискусните“ реагираа со негодување, главно поврзано со интерфејсот. Messenger Day, како што опцијата се нарекува на Facebook Messenger, изборот на содржини го смести на самиот врв што на корисниците им го отежна пристапот до текстуалните пораки поради кои примарно и ја користат апликацијата. Слична ситуација се забележува и кај Facebook Stories.

Ваквото инкорпорирање во една социјална мрежа и апликација на опциите кои одделно направија десетици апликации популарни, во крајна линија веројатно ќе добие позитивна оцена. Меѓутоа за сега, голем дел од корисниците се’ уште со скепса гледаат на клонирањето на Snapchat механизмот во речиси секоја друга популарна апликација за комуникација.

Извор: TNW, TechCrunch

Фото: TechCrunch

Претходна статијаGalaxy S8 ќе има “Home” копче осетливо на притисок
Следна статијаДиоптриски очила со бесконечни комбинации на диоптрија -дали е можно?