Stories функцијата е можеби една од најпознатите и најуспешни новини кај Instagram, меѓутоа успехот не се префрли ни приближно на другите апликации од Facebook, а посебно на нивната главна апликација.
Оваа функција која првпат беше претставена и популаризирана на Snapchat, полека беше префрлена на Instagram, па на Messenger, по што на крај заврши и на Facebook. Популарноста на функцијата направи да истата биде прифатена и воведена и од останатите конкуренти на Snapchat, а не само од Facebook, па денес слична функција можеме да видиме дури во новата верзија на Skype.
Иако верувам дека не е потребно објаснување и потсетување за тоа што е Stories, сепак кратко ќе напишам. Stories е функција во овие апликации која овозможува објава на слики и видеа кои се привремени, односно исчезнуваат после 24 часа и не се дел од главниот профил на корисникот.
Facebook Stories дојде на мобилната апликација од оваа друштвена мрежа на почетокот од оваа година, а од компанијата планираат да ја овозможат и преку десктоп страната на Facebook.
Позицијата каде што ќе бидат прикажани Stories ќе биде нешто подискретна од таа на мобилен, односно Stories ќе се гледаат на десната страна под менито, во делот каде што се прикажуваат информациите за родендени и слично.
Што се однесува до остатокот на функцијата, таа ќе биде иста како и на мобилната верзија, па корисниците нема да треба да се навикнуваат на нешто ново.
Facebook Stories на десктоп се’ уште е во тест фаза, меѓутоа од компанијата имаат потврдено дека во периодот што следи корисниците ќе ја добијат во целиот свет.
Зошто Facebook се одлучи на ваков чекор, со оглед на многу слабата популарност на Stories на нивната мобилна апликација не е познато, можеби се надеваат дека на овој начин ќе се подобри популарноста.
Јас лично не верувам. Корисниците најмногу ги користат Stories на Instagram, па не гледам зошто би ги делеле своите објави на повеќе друштвени мрежи.
Извор: TechCrunch, The Verge
Фото: TechCrunch