Facebook најави дека прави одредени промени на својата апликација, кои треба да придонесат кон поодбра навигација и генерално користење од страна на корисниците. Овие промени се први поголеми промени во корисничкиот интерфејс после подолго време, а слични компанијата веќе направи пред одреден период на својата Instagram апликација.

Главната промена која веднаш ќе може да се забележи е тргањето на познатата сина боја од горната лента на апликацијата во делот за коментирање и слични. Истата ќе биде заменета со поедноставна лента во бела боја, со што на корисниците ќе им биде оставен акцентот на содржината, наместо и самата лента да провлекува дополнително внимание.

Ваква промена пред одреден период беше направена на Instagram апликацијата, а морам да кажам дека промените се покажаа како одлични, барем за мене.

Покрај промената на бојата на лентата, забележлива ќе биде и промената на иконите кои се поставени на горниот дел. Тие ќе бидат со нешто поразличен дизајн, односно со поголем контраст, а исто така ќе бидат и нешто поголеми.

Промена во дизајнот ќе имаат и копчињата низ целата апликација, односно копчињата за лајк, коментирање и останатите.

Исто така поголема и забележлива ќе биде промената на прикажувањето на профилните слики на корисниците во листата со новости, односно во коментарите. Истите сега ќе бидат кружни, наместо во форма на квадрат како што се сега.

Промена ќе има и во дизајнот на коментарите. Истите ќе бидат направени да повеќе наликуваат на разговори од Messenger. За таа цел, тие ќе имаат „балончиња“ околу нив со кои подобро ќе бидат издвоени, а исто така лентата каде што се внесуваат коментарите повеќе ќе наликува на таа во Messenger.

Како и обично, потребно е време од најавата до пуштањето на надградбата до сите корисниците, па во периодот што следи, може да очекувате да ги видите и на вашата апликација.

Извор: Facebook

Претходна статијаОтворен повик на Start Up Academy за граѓаните на Струмица
Следна статијаТрадиција, убавина и одличен натпревар: 31 Охридски пливачки маратон
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.