Facebook Explore Feed е нов посебен тајмлајн кој треба да им овозможи на корисниците откривање на дополнителна содржина. Тоа значи дека доколку се решите да ја разгледате оваа листа со новости, истата ќе прикажува содржина и од страни којшто не ги следите, а се дел од вашите интереси и се популарни.

На овој начин Facebook се надева дека корисниците ќе можат да најдат дополнителни интересни страни кои би можеле да ги следат, а моментално не знаат за нив или едноставно не им текнало да го направат тоа. Соодветно е дадено и името на овој нов дел на мрежата, Explore.

Оваа нова функција на друштвената мрежа е достапна на мобилните апликации веќе одреден период, а од оваа недела истата станува достапна и на десктоп. До неа може да се пристапи директно преку https://www.facebook.com/explore/ или преку посебното копче/линк на левата страна во делот каде што се копчињата за настаните, зачуваните страни, групи и слично.

Иако Explore Feed е одлична идеја на Facebook која ќе им овозможи на корисниците да излезат малку од нивниот стандарден секојдневен тајмлајн и да откријат нешто ново, сепак со фактот што повторно содржината се креира врз основа на интересите на корисникот, се скратува можноста за откривање на нови интереси. Сепак, тоа е нешто што корисниците треба сами да го направат, а Facebook е тука да се погрижи дека ќе останеме што повеќе часови во текот на денот, читајќи ја содржината која најмногу ни одговара, а од компанијата тоа секогаш точно знаат која е.

Извор: TNW, Engadget

Претходна статијаQualcomm направи прв тест на 5G брзини на мобилен уред
Следна статијаПрвиот чип на Google е наменет за подобри фотографии и е вграден ексклузивно во Pixel 2 смартфоните
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.