Најпопуларната социјална мрежа на денешницата, Facebook, забележа уште еден успех на полето на бизнисот. Овој пат, се работи за создавање на услови за поврзување на компании и потенцијални корисници. Бројката од 5 милиони огласувачи звучи импозантно, ако се знае дека целиот проект иницијално беше наменет да биде исклучиво платформа за дружење. Како што е јасно, Facebook, денес е многу повеќе од тоа, па дури и нема да биде погрешно ако се заклучи дека вистинската незаменливост на овој социјален сервис допрва доаѓа.

Од компанијата се пофалија дека неодамна била надмината бројката од 5 милиони огласувачи, односно компании или бизниси кои се рекламираат токму преку нивната социјална мрежа. Интересен е податокот дека само во изминатите 7 месеци тие забележале раст од една петтина од актуелниот вкупен број на огласувачи. Понатаму, забелжливо е дека дури 75% од активните огласувачи се лоцирани надвор од САД, земјата од која потекнува самиот Facebook. Бизнисите кои најчесто решаваат да се рекламираат на Facebook се од облста на е-трговијата, забавата, но и мали бизнис кои се обидуваат да се изборат за свое место на пазарот.

Може да се рече дека Facebook особено внимание обрнува кон прилагодувањето на своите алатки кон оние помалку стручните. Компанијата цели кон што поедноставно користење на алатките за рекламирање, со што самата ќе си создаде потенцијално бесконечен број на корисници. Во прилог на тоа одат измените во рамки на Ads Manager кој нуди максимално упростен начин за водење на рекламна кампања.

Иако бројките кои компанијата ги претстави се импозантни и претставуваат неоспорен успех, важно е да се согледа и другата страна на приказната. Имено, бројката од 5 милиони огласувачи, претставува удел од само 8% од бизнисите кои се застапени на социјалната мрежа. Од тоа може да се заклучи дека се’ уште постои недоверба во успешноста на кампањите водени преку Facebook и нивниот практичен импакт врз работењето на бизнисот. За таа цел, Facebook се обидува да им помогне токму на малите бизниси, сметајќи дека доколку праксата се покаже како успешна за малите бизниси, тоа ќе биде доволен доказ.

Основачот и прв човек на Facebook, Марк Зукерберг очигледно ја согледал потенцијалната вредност на она што го има создадено во насока на пренаменување на самата платформа од „друштвена мрежа“ во вистинска социјална платформа која ќе ги вклучува сите аспекти на модерното време. Тој е и главниот иницијатор за формирање на глобална заедница која ќе биде примарно насочена кон малиот бизнис, кој според него е најважниата карика во ланецот.

Вториот важен елемент, кога се однесува до новиот начин на рекламирање е пристапот до самата платформа. Тука е важно да се напомене дека речиси половина од бизнисите кои активно се рекламираат преку Facebook го користат истиот преку својот мобилен уред. Во таа насока компанијата се обидува да ги изедначи алатките достапни за корисниците на мобилната и декстоп апликација. Она што е најголем дел од побарувачката на огласувачите е можноста за споредување на рекламите, алатки за подобрување на успешноста на извесна реклама или повторно пуштање во оптек на веќе докажано успешна реклама.

Сето ова доаѓа во форма на едноставно и достапно искуство што речиси ќе го претвори секој во „искусен“ маркетинг менаџер. Заклучокот кој произлегува е дека Facebook е носителот на глобализацијата, примарно како платформа за поврзување на луѓе, а се поизвесно и како платформа за поврзување на бизниси.

Секоја компанија која свесно го игнорира овој факт, порано или подоцна ќе биде „осудена“ на последиците од таквото однесување. Се чини дека Facebook е неизбежниот „нов пазар“ на кој присуството ќе биде задолжително.

Извор: VentureBeat

Претходна статијаРецензија: Samsung Galaxy A5 е смартфон од средната класа со премиум карактеристики
Следна статијаДизајнот позади совршенството на Galaxy S8