Како да проверите дали вашата Yahoo сметка е една од пробиените и целосно да ја избришете

Напишано на 16.12.2016 - 10:43 од Мишо Лекиќ

Оваа недела повторно можевме да прочитаме за случај каде се пробиени огромен број на Yahoo сметки, а случајот за жал не беше ниту прв, ниту исклучок. Бројката на украдени информации од сметките на корисниците овој пат достигна до 1 милијарда, па логично е да се запрашаме дали нашата сметка е дел од оваа група.

Проверката на ова се прави многу едноставно, односно се што треба да направите е да се најавите на вашата Yahoo сметка, па доколку има шанси истата да е дел од пробиените, информацијата ќе ви биде веднаш прикажана.

Без разлика дали вашата сметка е дел од оваа огромна листа, сепак се препорачува да ја промените вашата лозинка, а доколку веќе не користите, да почнете да користите некој од достапните методи за дополнителна заштита.

Yahoo нуди два начина дополнително да ја заштитите вашата сметка. Едниот начин е дво-факторската автентикација, нешто што во денешно време повеќето познати сервиси го нудат како можност.

Овој начин на автентикација овозможува да при секое најавување на вашата сметка, мора да внесете дополнителен код којшто го добивате преку апликација или SMS. На овој начин, дури и ако вашата лозинка биде откриена, трета страна нема да може да се најави поради тоа што нема да може да го внесе потребниот код.

Се разбира, овој начин, како и сите други, не гарантира 100% заштита на сметката, но барем ја отежнува работата на хакерите.

Вториот начин за дополнителна заштита на сметката што го овозможуваат од Yahoo е наречен Account Key. Преку овој систем, најавувањето на вашата сметка веќе нема да го правите со внесување на вашата лозинка, па истата и нема да може да биде украдена и искористена. Најавувањето го правите преку одобрување на истото од вашиот мобилен, односно Yahoo Mail апликацијата.

Доколку сепак честите информации за пробивање на Yahoo сметките ве натера да не сакате веќе да го користите овој сервис и да се префрлите на некоја од конкурентните, можете да ја избришете вашата сметка целосно.

Треба да знаете дека доколку се решите да ја избришете вашата Yahoo сметка, ќе го изгубите пристапот и податоците од сите Yahoo сервиси. Тоа значи дека покрај пораките во Mail, ќе немате пристап и до Flickr, како и било кои други Yahoo сервиси, па треба да размислите пред да го направите истото.

Бришењето на сметката е едноставен процес којшто може да се започне преку следниот линк.

За Авторот

Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.