Веќе одреден период читаме за крајот на Flash технологијата која стана синоним за небезбедна веб технологија, па конечно ја имаме и официјалната дата кога истото ќе се случи.

Според информации директно од Adobe, Flash ќе престане да добива надградби, а и веќе нема да може да се симне почнувајќи од 2020 година. Истото ќе се случи постепено во текот на таа година, по што оваа позната технологија ќе замине во историјата.

Како што отворените стандарди како HTML5, WebGL и Web Assembly созреаја низ изминатите неколку години, повеќето сега ги овозможуваат многу од можностите и функционалностите коишто додатоците во прелистувачите ги воведоа и станаа реална алтернатива за веб содржините. Со тек на време, видовме многу апликации како еволуираа и станаа додатоци, а уште поново, видовме како многу од тие можности кои ги имаат додатоците станаа вградени во отворените веб стандарди. Денес, повеќето интернет прелистувачи ги имаат интегрирано можностите едно време овозможени од додатоците директно во нив и почнаа да ја намалуваат употребата на додатоците.

Иако се’ уште голем број на веб страни зависат од Flash, постепено најпознатите сервиси преминаа на HTML5 и слични, па во наредните 3 години тоа ќе го направат повеќето, а посебно сега кога знаат дека Flash нема да постои.

Оваа технологија, иако сега позната по својата слаба безбедност, како и лошо влијание на ресурсите на прелистувачите, сепак ќе остане запаметена по веб содржината која им ја овозможи на корисниците при крајот на 90тите и почетокот на 2000те.

Голем број на анимирани веб страни, реклами, како и игри и видео содржина станаа лесно достапни преку интернет благодарение на оваа сега веќе застарена технологија.

Една од главните предности на новите технологии, а воедно и маана на Flash, е тоа што тие не бараат инсталирање на посебни додатоци за функционирање, односно тие функционираат самостојно со поддршка вградена во самиот прелистувач.

Извор: Adobe, TechCrunch, VB

Претходна статијаKaspersky Free станува достапен во целиот свет
Следна статијаСкопје го доби својот Супер Куп сјај
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.