Facebook е моментално најпопуларна социјална мрежа со најголем број на корисници. Според најновите статистики, активни корисници на Facebook има над 1.230.000.000. Во Македонија, над 48% од вкупното население се активни корисници. Во една од претходните статии пробав да го објаснам Влијанието на Социјалните мрежи.

Според тоа, се подразбира дека меѓу Вашите пријатели има најразлични типови на луѓе и објави на самата платформа.

Се надевам дека во 2017-та година, навиките за споделување на одредени објави и лажни вести ќе престанат. Следните 10 типа на објави според мене треба да исчезнат:

Рецепти

Океј е, сите ја имаме лајкнато страницата на Tasty, не мора секој ден да споделувате по 10 рецепти. Нема магично да станете Џејми Оливер или Гордон Ремзи. Или пак да учествувате во натпреварот на Вешта Жена… И уште нешто. Има и луѓе кои се вечно на диета, не мора да не стрвите во 2 по полноќ …

Политички индиферентна/неопределена објава

Статусот се започнува со изјава на корисникот дека не е политички определен, нема членска книшка и не го интересира политика. Подолу во текстот почнува со плукање на една или друга политичка партија и со ретроспектива на последните 25 години од македонската политичка сцена. И да, Бранко е крив!

Свадбени фотографии и видеа

Порано се знаеше. Се собирате кај младоженците и го гледате видеото од свадбата. Се гледате самите како играте во пијана, транс состојба и полека се вовлекувате во креветот и одеднаш исчезнувате од просторијата. Сега на Facebook од една свадба се објавуваат по 1.239.323.324 фотографии само од одењето по невестата. И мора да стои наслов на фотографијата “Го дадовме колата”. Како невестата да е сопственост нечија. Потоа следи слика со поглед во далечина, па низ бурмите, па фото запис од пукање со тешка артилерија … За тие што ги интересира, ќе Ви побараат видеото и сликите.

Мини “Јубилеј” од љубовна врска

Една година, четири месеци, тринаесет дена, два часа, десет минути и осум секунди во врска. Океј е од време на време да се објави некој значаен јубилеј – 1 година, 5 години … ама 17 месеци?! Вас ви е убаво, со среќа нека ви е. Верувајте, на никој друг не му е гајле.

Патриотски oбјави пишани на латиница

DA ZIVEJT REPULIKA MAKEDONIA. NIE ISELENICITE OD KANADA CE DAJME 10 DOLARI ZA DOBROBIT NA ZEMJATA!!!11

Споделување на лажни вести

Во последно време Facebook се соочува со проблем на големо објавување на лажни вести. Премногу тешко е тоа да се спречи, но секој може лесно да провери дали веста е точна или лажна. Ако пишува дека Доналд Трамп пиел кафе со градоначалникот на Прибилци, верувајте, лажна е веста.

1.000 слики од Вашето бебе

Јас лично сакам деца. Но, 1 слика е доволна. Не мора дневно по 10.

Поставување прашања на Facebook

Како да спуштам торент? Еј, неам попаметна работа, сега ќе ти пишам упатство како да спуштиш торент. Зошто е измислен Google?! Мрза!

Коментари од типот NAJUBA SI MWAH

Убавината е релативна работа. Ствар на вкусови.

Селфи фотографии на секои 10 минути.

Океј е да се сакате и да се цените. Но, честото објавување на селфи фотографии дава индикација дека немате пријатели и дека сакате да се промовирате или дека се огласувате.

Претходна статијаBUZZ mix tape Vol.1 специјално од Дј Гоце – Урбаната музика и најдобрите патики на едно место
Следна статијаLG најави „лебдечки“ Bluetooth звучник за CES