cst-01-watch-640x0

Kickstarter, Indiegogo, RocketHub, Fundrazr и останати сервиси за колективно финансирање. Директно ја покажуваат моќта на т.н. „демократизиран“ Интернет (Интернет за масите) и што може една неповрзана, но мотивирана група на луѓе да направи и да помогне во создавањето на нови производи и услуги кои им требаат. Наизглед совршена приказна, се` додека не дојдете во допир со вестите за некој проект на ваква страница кој не успеал.

На пример, проектот за „Најтенкиот часовник на светот“. Покрај тоа што самиот проект успеа да собере над 1 милион долари (или 800 илјади долари повеќе од потребните средства) и покрај започнувањето со производство, водачите на проектот изјавија дека го стопираат и дека ја запираат соработката со нивниот производител.

Според нивната изјава дадена на страницата на проектот, нивниот производител кој го одбрале специфично бидејќи се наоѓа во САД, одбил да преговара за условите на договорот и побарал многу повеќе средства од што тие имале или биле спремни да вложат во целиот проект. Воедно, производителот започнал со производство, но не ги исполнил очекувањата за доволно уреди произведени во месецот кои би можеле навремено да се достават до сите тие кои го поддржале проектот.

Се поставува прашањето: кој е крив? Дали започнувачите на проектот кои тргнале со сон кој не одговара на нивното искуство за работа, или пак навистина нивниот производител бил причината за ваквото фијаско?

Веројатно резултатот е во двете димензии на овој неуспех. Имено, според некои анализи, на 8 од 10 претприемачи не им успева бизнис идејата во првите 18 месеци. Ова е поради тоа што претприемачите немаат доволно искуство и/или доволно средства да го остварат замисленото. Сепак, кај би биле сите ние ако не постојат луѓе како нив кои често ги жртвуваат личниот живот, целото слободно време, па дури и своите фамилии и пријатели за да им успее бизнисот и да ни остварат некоја потреба?

Од друга страна, често големите производители (како што е Flextronics во овој случај) знаат да бидат алчни и непринципиелни кога се работи за соработка со млади, се` уште недокажани компании. Место да ги помагаат тие често гледаат да го извадат максимумот од нив користејќи ја подобрата пазарна позиција. Комбинацијата од овие фактори предизвикува пропаст на многу компании кои имале брилијантни идеи – каква што е оваа за најтенкиот часовник на светот со екран од електронско мастило.

Ако сте поддржале или мислите да поддржите некој проект кој би можел да пропадне, веројатно се прашувате што можете да правите со парите и дали се исплати воопшто да ги уплатите кај нив на сметка? Ние би ви рекле – во секој случај поддржете ги. Имајте предвид дека вие можеби ќе изгубите неколку стотина долари, но тие претприемачи на кои ќе им пропадне проектот можно е да го изгубат целиот свој влог и да пропаднат. За целиот тој ризик кој го преземаат, вашиот потенцијален „губиток“ од неколку стотици долари не значи апсолутно ништо, а на крајот може да ве чека сосема нов производ кој ќе ги исполни вашите барања и очекувања. Вреди да се ризикува – претприемачкото мото кое треба да стане и ваше.

Се надеваме дека ваквите случува ќе ги натераат идните претприемачи посилно да се борат да успее нивниот проект и да не ги ризикуваат ниту вашите пари ниту нивните животи.

Извор: PCWorld, Digital Trends

Претходна статијаPlaystation 4 сега достапен и со хард диск од 1 TB
Следна статија‘Pepper’ – Првиот домашен робот кој има „емоции“