Паметните часовници со Android Wear беа меѓу првите на пазарот, но без некој особено голем успех – денес најголемиот дел од колачот го држат Apple Watch и Samsung со своите Tizen часовници. Сепак, Google денес лансира нова верзија на оперативниот систем, која треба да го направи многу покорисен дури и ако часовникот не е поврзан со паметен телефон, а која во почеток ќе се нуди со двата нови Watch Style и Watch Sport на LG, кои се дизајнирани во соработка со Google.

Пример за тоа се апликациите како Uber, RunKeeper и Telegram, кои можат да функционираат на часовници кои се поврзани на мрежата преку SIM картичка. Android Wear 2.0 сега донесува и нови “Watch Faces”, односно скинови за часовници, кои можат да вклучуваат нотификации од вашите омилени апликации и преку кои ќе може да ги стартувате кога ќе стигнат.

Новите два модели на LG ќе бидат воедно и првите со Android Wear 2.0 – останатите ќе го добијат како надградба подоцна. LG Watch Style и Watch Sport се разликуваат во неколку сегменти, но и двата имаат P-OLED кружни дисплеи, Snapdragon 2100 процесор кој работи на 1,1 GHz, Wi-Fi и Bluetooth, безжично полнење и отпорност на вода и прашина.

Сепак, меѓу нив има неколку важни разлики. Watch Sport е помоќен часовник – има 768 MB рам меморија, поголема батерија (430 mAh), вградени плејада сензори (жироскоп, акцелерометар, GPS, барометар) и дури поддршка за LTE 4G поврзување и безжично плаќање преку NFC. Неговиот дисплеј е исто така поголем со 1,38 инчи во дијаметар. Сите овие функционалности го прават идеален за фитнес корисниците, кои секогаш бараат повеќе од својот часовник.

Оние кои пак не се по потењето, Watch Style е помал и поелегантно дизајниран часовник со дисплеј со дијаметар од 1,2 инчи, помала батерија од 240 mAh и достапност во три бои – титаниум, розе златна и сребрена. Сепак, најголем недостаток кај овој часовник е се чини што нема NFC, што значи дека нема да може да се плаќа со него преку Android Pay, што е големо разочарување. Да, недостатокот на останатите сензори пред се наменети за спортување може да се прости, но не и за функција која ќе станува се повеќе употребувана наредниве неколку години.

Нормално, двата часовници имаат и различни цени. Watch Sport чини 349 долари, додека Watch Style чини 249 долари, плус 30 долари ако ја сакате розе златната верзија. Часовниците ќе бидат достапни на Google Store, а очекувам наскоро да бидат пуштени во продажба и кај нашите оператори.

Извор: The Verge, The Next Web, Engadget

Претходна статијаДали знаете да напишете добар технички опис за вашиот производ?
Следна статијаFacebook ќе се обиде да ја замени вашата апликација за временска прогноза