Не е важно да си прв, туку е важно да си најдобар. Оваа „поговорка“ дефинитивно важи за Apple Watch паметниот часовник, кој на пазарот закасни повеќе од една година после Android Wear конкурентите, но и покрај тоа е доминантен на пазарот.

Имено, во последното тримесечје од 2016 година тој се продаде во 6 милиони примероци, што можеби не е претерано голема бројка споредено со iPhone, но е доволно за 80% учество на пазарот во поглед на приходите (2,6 милијарди долари). Ова е апсолутна доминација на Apple Watch, во време кога Android Wear конкуренцијата и нема некои нови модели, нешто што сигурно ќе се промени на MWC во Барселона.

Причината за успехот на Apple Watch е најверојатно моќта на брендот, но и намалувањето на цената на Apple Watch Series 1, со лансирањето на Series 2. Да, постариот часовник нема многу од функциите на поновиот, но го има новиот побрз процесор и има веројатно доволно функционалности за обичниот корисник. Apple Watch 2 е пред се наменет за фитнес корисниците.

Вкупно во 2016 година Apple продаде 11,9 милиони часовници, што донесува учество на пазарот од 49%. Според тоа, божиќните попусти се исто така причина за успехот на крајот од годината – во првите девет месеци Apple Watch бил скоро израмнет со Fitbit фитнес часовниците (17% учество) и Tizen паметните часовници на Samsung (15% учество). Интересно, исклучително успешен во продажбата на уреди за носење бил Xiaomi, кој во последното тримесечје од 2016 година продал 5,5 милиони Mi Band уреди.

Продажбата на паметни часовници не се очекува да скокне премногу годинава и освен ако Android Wear конкуренцијата не претстави неколку интересни модели во наредниве неколку месеци, нема причина зошто Apple Watch и натаму не би бил доминантен на пазарот.

Извор: The Verge, ZDNet, Phone Arena

Претходна статијаLG го најави G6 како „телефон со голем дисплеј кој удобно лежи во дланката“
Следна статијаПротекоа спецификациите за AMD Ryzen процесорите