Последниве неколку години проекторите повторно стануваат популарни, пред се поради можноста да се добие голема слика со солиден квалитет, по пониска цена од таа на телевизор со исти димензии. Ова особено се однесува на ласерските проектори, кои покрај тоа што нудат многу висок квалитет на сликата, сличен на оние во кината, можат да проектираат и од многу, многу близу.

Еден ваков проектор сега има и Xiaomi и истиот има вградена ALPD 3.0 ласерска технологија, која според производителот се користи во 90% од кино салите во Кина. Резолуцијата на проекторот е Full HD, што е многу солидно, додека големината на сликата која може да ја испорача е максимум 150 инчи, што е навистина огромно.

Голема предност во однос на обичните проектори е што овој може да стои буквално пред ѕидот – работи на оддалеченост од 5 до 50 сантиметри, а во него има и вградени звучници.

Потоа, Xiaomi Laser Projector, како што е неговото цело име, испорачува слика до 3000:1 контраст, што е многу солидна бројка, светлина од високи 5.000 lumens и можност за покривање на 85% од NTSC стандардот за бои.

Сите овие перформанси се добиваат за цена од 1.470 долари, која иако делува висока, многу е пониска од конкурентските производи. А како споредба, за телевизор со 100 инчи треба да го продадете станот за да може да го имате.

Како и кај сите проектори, единствен недостаток се чини се работните часови – Xiaomi Laser Projector има ласерска лампа која е проектирана да работи 25.000 часови, што е неколку пати помалку од еден телевизор. Во превод, користете го овој проектор само за филмови, но не и за гледање телевизија секојдневно доколку сакате да издржи повеќе години.

Извор: Engadget, Android Central, GSMArena

Претходна статијаСамсунг ја претстави „ISOCELL“ линијата на сензори за слика на Конгресот на мобилна технологија 2017 во Шангај
Следна статијаSamsung Gear S4 ќе може да се полни преку футрола од Samsung смартфон