Western Digital е апсолутно најпознатиот бренд за производство на HDD хард дискови во последниве деценија и повеќе. Сепак, тие само неодамна почнаа да произведуваат и развиваат SSD дискови – многу покасно од главните конкуренти. Ова не значи и дека не се конкурентни – тие веќе развија 3D NAND чип во соработка со Toshiba, кој на истата површина може да собере двојно повеќе податоци, што е позитивно за иднината на овие дискови и нивната примена во компјутерите.

Позитивно пред сѐ поради тоа што ќе придонесе за намалување на цените. Имено, новите 3D NAND чипови со двоен капацитет значат дека производителите ќе треба да стават двојно помалку од нив во диск. Во превод, новиот диск со капацитет од 512 GB ќе има ист број на чипови како актуелен диск со капацитет од 256 GB.

Иако не треба да се очекува да се изедначат цените на новите, поголеми SSD-а со оние на старите, паѓање на цената сепак ќе има, а причина за тоа е што ќе се применуваат многу помалку чипови во едно SSD. Засега, Western Digital ќе произведе само ограничена количина на вакви чипови, што значи дека тие сѐ уште не се целосно подготвени за пазарот, но не би требало да помине долго време додека не ги видиме во продавниците.

Секој чип инаку има капацитет од 3 битови по ќелија и има 64 слоеви. 3D NAND дизајнот, како што објаснува името, значи и дека тие не се поставени само хоризонтално, туку и вертикално „како облакодери), што овозможува вградување на повеќе чипови на помал простор. Ова е исто така една од причините поради кои производителите ќе можат да вградат повеќе простор во иста големина на SSD диск.

Извор: PC Mag, Computer World, Extreme Tech

Претходна статијаПоследниот Concorde „повторно во акција“ после 13 години
Следна статијаGoogle Brain разви вештачка интелигенција која сама може да ги криптира податоците