samsung-rollable-panel

Дисплеите кои може да се виткаат се веќе присутни на пазарот – Edge серијата на Samsung е најдобар доказ за тоа. Сепак, она што ние го чекаме се преносливи уреди, односно паметни телефони и таблети, кои ќе може да се свиткаат – како овој дисплеј од Samsung на видеото, кој лесно може да се свитка во ролна.

Кога е целосно отворен, овој дисплеј има големина од 5,7 инчи, исто како Galaxy Note 5. Резолуцијата е Full HD, што иако не е на нивото на споменатиот паметен телефон, доволно е за прилично густи 386 пиксели по инч. Бидејќи се работи за OLED дисплеј, боите се прилично силни, додека контрастот е бесконечен благодарение на чистата црна боја.

Самиот дисплеј е само 0,3 милиметри тенок и може да се свитка во ролна со 10 милиметри радиус. Во превод, целиот дисплеј може да се складира во канистерче како старите 35 mm филмови, само со малку поголема должина – перфектно за носење во џеб.

Но, каде би бил употреблив ваквиот дисплеј? Засега, останатите компоненти кај паметните телефони се проблематични – овој свитлив OLED не функционира со допир и доколку се вгради таа можност, целиот дисплеј нема да може толку лесно да се свитка. Исто така и натаму постои проблемот со батеријата и матичната плоча, кои исто така не можат да се свиткаат, како и траењето на самиот OLED дисплеј, за кој Samsung сѐ уште нема објавено колку виткања може да поднесе пред да почне да губи на квалитет.

Сепак, во ролната каде што се витка дисплејот би можеле да се вградат голем дел од овие компоненти и во блиска иднина би можеле да видиме дизајни на паметни уреди во стил на „кармин“ со можност за одмотување на дисплејот. Но ова е само една замисла – финалните уреди не мора да го имаат токму овој дизајн. А бидејќи Samsung е дефинитивно најголемиот иноватор во оваа индустрија, очекувано е тие први да лансираат ваков уред.

Извор: 9 to 5 Google, Slash Gear, BGR

Претходна статијаMicrosoft дополнително го намали бизнисот за телефони – ќе отпушти дополнителни 1.850 вработени
Следна статијаXiaomi Mi Drone – дрон кој е достапен за сечиј џеб