Сите кои сакаат во дневната да го имаат најтенкиот телевизор на светот, потенок и од постер со рамка, ќе мора да издвојат значителна сума на пари. Што беше и очекувано за модели кои ги поместуваат границите.

Новите телевизори од W серијата на LG се само 2,57 милиметри тенки – тоа е скоро тројно помалку од iPhone 7. И покрај тоа, тие имаат висока Ultra HD резолуција и бидејќи се OLED панел, може да очекувате извонредни бои и контраст. И за разлика од скоро сите конкуренти, W серијата ги поддржува сите “HDR” видео формати (HDR10, Dolby Vision, HLG, и Advanced HDR by Technicolor), што е голема предност.

Телевизорите доаѓаат со Web OS 3.5 оперативен систем, кој работи одлично и има супериорен кориснички интерфејс, но нема голем број на апликации како што имаат Android моделите на пример. Исто така, W серијата има посебен дел во кој се вградени сите приклучоци (HDMI, USB и сл.) и тјунери, а кој се вградува на страна од дисплејот и се поврзува со еден кабел со него.

Импресивните перформанси на овие телевизори се придружени и со импресивна цена. Моделот со големина од 65 инчи чини 7.996 долари, додека моделот со големина од 77 инчи масивни 19.996 долари. Тоа е скоро како да купите автомобил од средната класа (на пример VW Passat или Ford Mondeo) или пак околу 4.000 карти за гледање 3D филм во кино кои чинат 300 денари. Знам, споредбата е малку „баби и жаби“, но сепак се работи за многу пари за телевизор.

За оние кои не се загрижени за највисокиот контраст и најдлабоките бои, но сепак сакаат солиден и остар 4K телевизор, LG ги објави и цените за C серијата, кои се движат од 2.496 долари за 55 инчниот модел до 3.996 долари за 65 инчниот модел, односно “E” серијата која е 1.000 долари по модел поскапа. Овие две серии на телевизори исто така се OLED панели.

Извор: The Verge, CNET, TechRadar

Претходна статијаПрва фотографија од Galaxy S8 – ќе има супер висок 18,5:9 дисплеј и изведби со 5,8 и 6,2 инчи?
Следна статијаНајдобрите додатоци за iPhone фото ентузијасти