Иако многу производители почнаа да ги исфрлуваат SD картичките од своите производи (кхм, Apple MacBook Pro, кхм), тие се уште се дел од арсеналот на секој фотограф и видеограф. Денес, таквите професионалци бараат се поголеми брзини на впишување и вчитување, поради снимањето на Ultra HD видео, како и фотографирањето на многу фотографии со висока резолуција одеднаш. Најновата SF-G UHS-II SD картичка на Sony е наменета токму за нив.

Со брзина на вчитување од 300 MB/s и впишување од 299 MB/s (да, тоа се мегабајти во секунда) оваа картичка е брза скоро колку и SSD дисковите во нашите компјутери. Тоа ја прави способна за непрекинато снимање на Ultra HD видео со многу висок „битрејт“, односно без да има потреба да се користи дополнителната меморија на камерата или фотоапаратот или пак надворешен диск.

Покрај енормните брзини, SF-G UHS-II SD картичката е отпорна на вода, шокови, високи и ниски температури, како и на Рендген зраци. Исто така, Sony нуди и специјален Sony File Rescue програм, кој може да ги врати вашите избришани фотографии и видеа или пак оштетени датотеки. Во превод, со оваа картичка сите ваши податоци ќе бидат супер безбедни.

SF-G UHS-II SD ќе се нуди во три изведби, со 32, 64 и 128 GB капацитет. Картичките ќе бидат достапни веќе од Март, но Sony се уште нема дадено информации за цените. Секако, не очекувајте да бидат евтини како останатите SD картички на пазарот.

Извор: The Verge, PC World, Extreme Tech

Претходна статијаМодул 3 – какви бенефити носи вашиот продукт (втор дел)?
Следна статијаСамсунг го најави премиум процесорот за апликации Exynos 8895 од серијата 9