Минатата година, Qualcomm беше исклучително успешен со својот Snapdragon 820/821 чип, кој го најде местото во многу смартфони од високата и средно – високата класа. Сепак, оваа година се очекува да биде уште поуспешна за компанијата – Snapdragon 835 е нивниот нов чип, кој е прв изработен со транзистори со големина од 10 nm.

Причина за оптимизам во Qualcomm не се само подобрените перформанси и помалата потрошувачка на новиот чип. Имено, тој оваа година ќе почне да се вградува и во лаптопи и таблети со целосен Windows 10 оперативен систем, покрај скоро сите подобри смартфони, што отвора многу нови можности и секако го зголемува профитот.

Snapdragon 835 ќе биде базиран на делумно променета Kryo 280 архитектура во однос на својот претходник. Ќе има осум јадра, од кои помоќните четири ќе работат на 2,45 GHz, додека послабите ќе работат на 1,9 GHz. Според Qualcomm, чипот 80% од времето ќе ги користи послабите јадра и со тоа ќе ја намали потрошувачката на енергија, додека помоќните ќе се користат само во игри, VR апликации и многу кратко при стартување на апликациите.

Во однос на Snapdragon 820/821, новата 835-ка треба да донесе 27% подобри перформанси, што е солиден скок. Сепак, најголем напредок е постигнат во ефикасноста. Благодарение на транзисторите од 10 nm, процесорот е сега 30% помал, што отвора простор за поголеми батерии во смартфоните и троши 40% помалку енергија, што дополнително ќе го продолжи траењето на батеријата со едно полнење.

835-ката ќе има и нова Adreno 540 графика, која има 25% подобри графички перформанси од претходникот, притоа овозможувајќи снимање на 4K видео со 30 слики во секунда и репродукција на 4K видео од 60 слики во секунда. Графичкиот чип поддржува и Google Daydream VR, како и камера со резолуција од 32 мегапиксели, односно двојна камера со по 16 мегапиксели.

Snapdragon 835 доаѓа и со нов X16 LTE модем, кој овозможува теоретски брзини од 1 Gbps за симнување и 150 Mbps за качување датотеки. Ова е и првиот чип во светот со Bluetooth 5 поддршка, кој ќе овозможи трансфер со брзина од 2 Mbps – прилично брзо за Bluetooth конекција. Не помалку важно, 835-ката ќе има и помоќно QuickCharge 4.0 брзо полнење, кое е 30% побрзо од верзијата 3.0.

Првите смартфони со Snapdragon 835 очекувајте ги за неколку месеци, додека првите лаптопи и таблет/лаптопи со Windows 10 и со овој чип веројатно ќе пристигнат во втората половина на оваа година, кога Microsoft целосно ќе го спреми оперативниот систем за ARM чиповите.

Извор: Engadget, GSM Arena, Qualcomm

Претходна статијаWindows 10 ќе му овозможи на корисникот паузирање на надградбите со Creators Update
Следна статијаFiat Chrysler го претстави автономниот концепт Portal