Корејскиот гигант Samsung е присутен во апсолутно сите сфери на нашите животи – многумина од нас ја разладуваат храната во нивни фрижидер, гледаат Netflix на нивни телевизор и носат еден од нивните смартфони во својот џеб. Сите овие уреди најчесто доаѓаат и со процесори кои се целосно дизајнирани и произведени од Samsung.

Благодарение на ова, Samsung стана најголем производител на чипови во светот, престигнувајќи го Intel на првото место.

Ова е голема вест, бидејќи Intel беше на првата позиција цели 24 години. Навистина, лично и не паметам кога беше последен пат Intel да не биде прва компанија која паѓа на ум кога ќе се спомене процесор или некаков микрочип. Сепак, Samsung сега има многу побогата понуда на чипови – покрај процесорите, тие имаат и широка понуда на најразлични Bluetooth чипови, 4G LTE радио чипови, супер брзи SSD дискови и флеш мемории за смартфони и таблети итн.

Во бројќи, Samsung во второто тримесечје на оваа година направи профит од 12,6 милијарди долари, односно обрт од 54 милијарди долари. Од целиот тој обрт, голем дел, односно 15 милијарди припаѓа на процесорите и чиповите, што е за 0,2 милијарди повеќе од обртот на Intel за истиот период оваа година.

Сето ова сепак би можело наскоро да се промени – Intel треба да ги претстави своите први процесори со транзистори од 10 nm наречени Cannon Lake, кои ќе имаат двојно повеќе транзистори на иста површина од тие на Samsung и тајванскиот TSMC, што според производителот на чипови ќе ги однесе светлосни години пред својата конкуренција.

Извор: Engadget, Fortune, Forbes

Претходна статијаMeizu Pro 7 и Pro 7 Plus имаат двојна камера и втор дисплеј во задниот дел
Следна статијаApple ги згасна iPod Nano и iPod Shuffle