До ден денес, уште откако било направено првото кино, филмовите се прикажуваат на платно со проектор кој е поставен на спротивната страна од салата. Идејата да се постави голем телевизор наместо да се користи проектор не е нова, но е многу тешка за изведба, бидејќи треба многу напредна технологија за да направите дисплеј со толкава големина, кој ќе ги задоволи сите филмски стандарди.

Samsung е првиот производител кој запливува во овие води. Нивниот LED дисплеј наменет за кината има големина од 10,3 метри во дијагонала и целосна 4K Cinema резолуција од 4096х2160 пиксели и HDR поддршка.

Производителот го фали телевизорот за исклучителниот контраст и длабоката црна боја, кој е на нивото на најдобрите кино проектори, но и за 10 пати посилната светлина од таа што можат да ја продуцираат проекторите. Благодарение на тоа, 3D филмовите скоро сигурно ќе бидат поубави за гледање на овој телевизор – со очилата, многу филмови знаат да бидат исклучително темни.

Според корејскиот гигант, нивниот „телевизор“ ги задоволува сите стандарди на бои од Холивуд, што значи дека филмовите ќе изгледаат онака како што замислил режисерот, но покрај тоа, овој телевизор ќе биде добар и за гледање спортски преноси, нешто што скоро е невозможно да се направи на обичен филмски проектор.

Единствен недостаток? Неговата големина – иако има 10,3 метри во дијагонала, тој е доволен само за помалите кино сали. Поголемите кино сали имаат дисплеи со големина од 15 метри, што е бројка која Samsung веројатно ќе сака да ја стигне во наредните неколку години.

И покрај сите овие квалитети на огромниот дисплеј на Samsung, многу филмски ентузијасти се’ уште не се убедени во гледањето филм на голем дисплеј. Според нив, вистинското кино искуство може да го пружи само квалитетен проектор. Сепак, јас би рекол да почекаме и сами да видиме како ќе изгледа некој добар филм на голем LED дисплеј и дури потоа да ги дадеме конечните коментари.

Извор: Engadget, Neowin, Business Insider

Претходна статијаБрод кој сам ја произведува потребната енергија тргна на 6-годишно патување
Следна статијаAmazon планира влез на пазарот на апликации за разговори?